Судот води кривична истрага за ексдиректорите во „Телеком“
Љубиша Станковиќ
Отворањето на прашањето за криминалните дејства поврзани со „Телеком“ го отвори и прашањето за кривичниот прогон на поранешните први луѓе на оваа профиталбилна компанија.
Угледниот британски неделник „Економист“ за работењето на „Телеком“ посебен акцент става на бавното и неефикасно судство, а се критикува и бавното одвивање на постапката, која е отворена пред „половина деценија“.
За конкретниот случај вчера со свој став се произнесе и скопскиот Кривичен суд, од каде што велат дека случајот и натаму е активен, но дека тој не зависи од нив, туку од апсењето на тројца од четворицата недостапни.
„Истражниот судија, кој постапува во овој предмет, уште на 19 декември 2008 година им одреди�� мерка притвор во траење од по 30 дена на сите осомничени. За нив е распишана и меѓународна потерница, а активна е и екстрадицијата. На 20 мај оваа година пред истражен судија се појавил еден од четворицата осомничени. Осомничениот дал своја одбрана, но по прашање на веќе изречениот мерка јавниот обвинител го повлекол предлогот за притвор, па на истражниот судија само му останало да ја повлече потерницата. Во овој момент можам да го кажам и тоа дека предметот е вештачење“, вели портпаролот на Основниот суд - Скопје 1, судијата Владимир Туфегџиќ.
Иако од судот не сакаат да оперираат со имиња, сепак, дознаваме дека лицето за кое е повлечен притворот е осомничениот Михаил Кефалојанис, а истрага се води и за Ролф Лат, Золтан Кишјухас и Атила Сендреј.
Според она што како непотврдена информација се врти во јавноста, во периодот меѓу 2000 и 2006 година, од македонскиот „Телеком“ се одлеале 24 милиони евра. Токму на оваа тема завчера се осврна и лондонски „„Економист“, а некако во исто време за криминалот во криминалот во „Телеком“ свое видување даде и опозициската СДСМ.
Имено, „Економист“ детално се осврна на проневерите на „Маѓар телеком“, но и во фирмите-ќерки на Балканот, вклучувајќи го тука и македонскиот „Мактел“. Според добиените резултати „Маѓар телеком“ во Црна Гора е осомничен за проневери од седум милиони евра, но како крајно сериозен се оценува криминалот од 24 милиони евра, кои биле „испумпани“ од државава со потпишување на 20 договори за консултантски услуги.
И најголемата опозициска партија се приклучи во кампањата за расчистување на овој криминален случај. Според СДСМ, „криминалот не завршил со сомнителна приватизација, туку продолжил преку партиската фирма „Аналитико АИ“. Од партијата велат дека сомнителните трансакции ги констатирала американска консултантската фирма „Вајт енд Кејс“, и тоа во време кога во фирмата биле вработени видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, како што се Мартин Протоѓер, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Оливер Шамбевски и други. |