Електронско информирање на постојките
Поставени се вкупно десет дисплеи, од кои два веќе се во функција
ЈСП „Скопје“ ги постави планираните десет електронски табли на автобуските постојки. Дисплеите во Ѓорче Петров, пред СП „Планет“ и на Бит-пазар веќе се во функција, а наскоро сите ќе станат функционални. На нив граѓаните можат да се информираат кој автобус за колку минути треба да пристигне на постојката, а тече и информација за надворешната температура и има и електронски календар.
Вакви панели се поставени од двете страни на автобуските постојки на бивш „Рекорд“, пред Народна банка, пред ТЦ „Бисер“ во правец кон центарот, на постојката кај Соборен храм на „Партизански одреди“ и на постојката пред ТЦ „Лептокарија“. Од ЈСП појаснуваат дека еден дисплеј чини 4.000 евра, а десетте поставени панели се финансирани од Европската унија преку проектот „Ренесанс“.
„Наскоро сите електронски табли ќе профункционираат. На двете кај ’Рекорд‘ се чека ЕВН да ги поврзе електронски, а на електронската табла кај ’Лептокарија‘ треба да се постави заземјување. Доколку се обезбедат пари преку проекти, ќе поставиме уште вакви дисплеи, во спротивно, тоа ќе го направиме со концесионерите преку проектот за јавно-приватно партнерство за изградба на 330 автобуски постојки во централното градско подрачје“, вели Билјана Јанкуловска, портпаролка во ЈСП.
Во изминативе денови на дисплеите што функционираат граѓаните постојано се информираат за пристигнувањето на автобусите. Сите што чекаат на постојките во Ѓорче Петров и на Бит-пазар веќе точно знаат колку ќе чекаат да им дојде автобусот. (Сн.К.) |