Напластените долгови ги тераат таксистите на нови протести
Се' уште се размислува за датумот за блокирање на скопските улици
Сања Наумовска
Скопските таксисти, оптоварени од голем број давачки, кои не можат да ги платат, се подготвуваат за нов протест откако деновиве стигна барање од Министерството за финансии, сите заостанати долгови за пензиско и здравствено осигурување да се платат во готово. Чашата ја прелеа и блокирањето на сметките поради неплатените фирмарини, давачка, која покрај персоналниот данок, пензиското и здравственото осигурување, лиценцата и останатите трошоци дополнително им го оптоварува скромниот буџет. За датумот на масовното блокирање на скопските улици се' уште се размислува, бидејќи превозниците се' уште се надеваат дека решението ќе се најде во дијалог со институциите.
„Засега сите опции се отворени, иако морам да нагласам дека секој ден се повеќе револтирани колеги доаѓаат во нашите простории и бараат да излеземе на протест“, вели Марјан Спасовски, претседател на Групацијата на таксисти.
Работењето во услови на нелојална конкуренција, со двојно повеќе диви од легални таксисти, во несредени услови и без стојалишта ја прави дејноста непрофитабилна, се жалат таксистите. Тие велат дека превозниците, кои со години професионално се занимаваат со таксирање, не можат да испливаат од долговите и да набават нови возила. Тоа за неколку месеци ќе биде погубно за нив, бидејќи кога од почетокот на 2011 година ќе стапат во сила задолжителните услови возилото да има воздушни перничиња, АБС-кочници, унифицирана боја и друго.
Од друга страна, пак, објаснува Спасовски, оној таксист што ќе процени дека нема можност да продолжи да работи како превозник под овие услови нема можност да ја затвори фирмата.
„Законот не дозволува ликвидација на трговците-поедници, иако многупати досега сме побарале таа одредба да се измени“, вели Спасовски, кој објаснува дека поединците, на пример, за фирмарина плаќаат 2.700 денари, колку што плаќа и една голема такси-компанија за која работат 50 возачи.
„И сега има многу колеги кои од различни причини моментално не работат, а фирмите им функционираат, па давачките, вклучувајќи ја и фирмарината, само им се таложат. Доколку добијат можност да ги затворат фирмите, тие ќе продолжат да работат нешто друго, па ќе бидат корисни и за себе и за државата“, вели Спасовски. |