Кредит од ММФ или еврообврзница?
На крајот на април во земјава ќе допатува мисија на Фондот во редовна посета, па експертите сугерираат да се побара кредит
Нина Нинеска-Фиданоска
Владата повторно ќе се задолжува преку скапа еврообврзница, наместо да посегне по далеку поевтин кредит од Меѓународниот монетарен фонд. На оваа опасност предупредува опозицијата, но и експертите, откако веќе стана целосно јасно дека буџетската каса воопшто не е во сјајна кондиција и дека Владата ќе мора да бара кредити и на странските пазари, покрај задолжувањата што ги прави дома, извлекувајќи пари од банките и од другите инвеститори. Само во првите два месеца од годинава се отвори буџетска дупка од 67 милиони евра, што е доволен аргумент дека не се полни добро државниот буџет.
Впрочем, и во буџетот е наведено дека дел од проектираната буџетска дупка за оваа година од околу 170 милиони евра ќе се покрива од странски извори на финансирање, иако не се наведува од кои. Сега е прашање од каде ќе се обезбедат тие пари, дали по полесниот, но и по далеку поскап пат, а тоа е преку еврообврзницата или преку ММФ, кој како и секогаш, има добра волја да им обезбедува кредити на државите, но за возврат, бара тие да исполнуваат многу построги критериуми и да бидат повнимателни при арчењето на народните пари собрани во државната каса.
Според информациите на „Утрински весник“, Мисија на Меѓународниот монетарен фонд во земјава ќе допатува на крајот на април, а тука
ќе биде и во првата половина на мај, како дел од редовните посети што ММФ ги прави два до три пати годишно во сите свои земји-членки.
Според експертите, тоа ќе биде шанса за нашите власти, се разбира, доколку имаат желба да ја искористат, да побараат заем од оваа меѓународна финансиска институција, кој сосема сигурно би бил по далеку пониска каматна стапка од онаа што би се постигнала за еврообврзницата. Само за илустрација, минатата година нашата Влада издаде еврообврзница од 175 милиони евра, со прилично висока камата од близу 9,8 отсто, што е за пет пати поголема од онаа што тогаш можеше да се постигне за заем од ММФ, од околу два отсто. Факт е дека тогаш Фондот нудеше екстремно поволни каматни стапки за државите, заради ублажување на ефектите од страшната финансиска криза. Или, ако се направат математички, за 3,5 години колку што таа се исплаќа, само за камати земјава ќе треба да плати поголем износ за 47 милиони евра.
Дека повторно ќе се оди на задолжување преку поскапата еврообврзница, предупредува опозициската СДСМ. Процените се дека нашата Влада ќе издаде еврообврзница на околу 200 милиони евра, и тоа во јуни или во јули оваа година.
„Доколку Владата не направи ребаланс, таа ќе мора да најде пари од некаде, што значи ќе мора да се задолжува во странство и сосема сигурно пак ќе ја изберат еврообврзницата. Веројатно, за почеток ќе земат околу 200 милиони евра, мислам некаде во јуни или во јули, ако издржат дотогаш“, вели Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.
Опозицијата уште еднаш укажува дека ММФ е се' уште отворен за соработка со земјава, во смисла на одобрување на кредит. Но, според експертите, многу е тешко дека нашите власти ќе се одлучат на таков чекор, дотолку повеќе што монетарците за возврат сакаат да имаат целосна контрола како се трошат буџетските пари, што воопшто не и' е драго на Владата, нешто што го покажа со сите свои досегашни постапки. Проценките на експертите се дека каматата на еврообврзницата која сега би се издала, би била околу 8 отсто.
Неодамна министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека доколку се јави потреба, земјава би издала еврообврзница во втората половина од годинава. И други министри потврдија дека еврообврзницата е едно од поизвесните сценарија за земјава.
Инаку, посетата на Мисија на ММФ на крајот на април е во рамките на редовните посети на ММФ на земјите-членки, што се одржуваат два до три пати годишно. Тие вршат скенирање на вкупната економска состојба, на фискалната и на монетарната политика, по што даваат оцена за земјата и врз база на неа ги прават своите економски прогнози за државите. |