11.04.2010, 18:02 Помала партиципација за државните универзитети
Владата на завчерашната седница одлучи значително да ја намали партиципацијата за студирање на државните универзитети и утврди највисокиот износ за кофинансирање на студиите да биде 400 евра, наместо досегашните 1.200 евра.
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, на прес-конференција ја соопшти одлуката, која следува по барањето на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од петокот за намалување на партиципацијата. Износот за државната квота е унифициран и е 200 евра годишно за сите факултети, а за дисперзираните студии во редовната квота е 100 евра. „Во квотата за самофинансирање највисоката сума за студентите ќе биде 400 евра, освен за факултетите, кои доставија пониски цени за самофинасирање од оние што ги утврди Владата, рече Тодоров.
Тој нагласи дека одлуката е соодветна на глобалната економска криза и е во функција на подобрување на студентскиот стандард. Таа се темели врз анализа на Владата, според која, во Македонија партиципацијата е меѓу највисоките во Европа и оти некои студии овде се поскапи од истите во некои западноевропски земји. Во изминатите години највисок износ за партиципација плаќаа студентите на општа медицина (1.200 евра). Меѓу поскапите студии со кофинансирање беа и информатички технологии (980 евра), Е-бизнис и правни науки (800 евра)... Одговарајќи на прашање дали ова негативно ќе влијае врз буџетите на универзитетите, Тодоров рече дека прво треба да се види структурата на приходите кои би биле загрозени. (МИА) |