16.08.2013, 16:11 Граѓаните им веруваат на институциите, особено на претседателот
Намалена, но се' уште мнозинска е довербата во меѓународната заедница, покажало истражувањето на МЦМС
Општата доверба и довербата на граѓаните во институциите е во пораст, а најмногу е зголемена довербата во институцијата претседател на државата. Ова го покажало теренското истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), спроведено од 31 мај до 21 јуни 2013 година, на репрезентативен примерок од 810 испитаници.
Истражувањето покажува пораст на довербата речиси кај сите институции што биле проверувани, но и пораст на општата доверба. Таа сега изнесува 56 проценти и е за 5,4 процентни поени повисока во однос на слично истражување направено од Галуп во 2012 година. Довербата во институциите е стабилна - индексот на доверба изнесува 43, слично како во 2008 и во 2007 година, по забележаниот пад во 2010 година (41).
Најголемо поместување во довербата има кај претседателот на државата, од 37,5 проценти во 2010 година на 56,8 проценти. Собранието има умерено зголемување (од 34,4 проценти на 41,9 проценти), а Владата од 36,8 проценти на 42,5 проценти.
„Намалена, но се' уште мнозинска е довербата во меѓународната заедница. Довербата во ООН изнесува 58,8 проценти, во НАТО - 56,3 проценти, а во ЕУ - 55,8 проценти. Во овие три претставници на меѓународната задница повеќе веруваат етничките Албанци и симпатизерите на ДУИ“, се наведува во соопштението.
Според истражувањето, се забележува мнозинска доверба во граѓанскиот сектор и тоа 54,2 процента, но и довербата во државниот сектор е битно зголемена (56 наспроти 44,5 во 2010 година).
Значителен е растот во образованието, здравството и полицијата, кои го презедоа приматот од Армијата, но и кај сите други државни институции има раст на довербата. Порастот е кај сите етнички заедници, но разликата, главно, се должи на порастот на довербата во државата кај етничките Албанци (од 16 проценти на 35,4 проценти), вклучително и во политичките партии, се наведува во соопштението.
На листата на професии, предводници се наставниците/професорите, лекарите, како и свештените/верските лица. Најмала доверба, според истражувањето, граѓаните имаат во судиите (43,1 проценти) и во цариниците (36,5 проценти), иако и тие како и сите други професии бележат умерен до голем раст во однос на 2010 година. (П.Р.) |