18.08.2013, 12:52 ФОТО: Металург го одбрани трофејот во Струга
Со победата над осумкратниот француски шампион Иври од 24:22 (16:7) екипата од Автокоманда го одбрани трофејот на 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“
ФОТО: Петр Стојановски
Екипата на Металург синоќа го одбрани трофејот на 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“ со победата над осумкратниот француски шампион Иври со 24:22 (16:7).
Македонскиот вицешампион одлично стартуваше и дојде до 10 голови разлика, а на полувреме отиде со голема предност од девет гола. Но, во второто полувреме дојде до голем пад во играта на металурзите и во самиот финиш на натпреварот, Иври намали на само гол негатива. Во последните секунди од натпреварот со постигнатиот гол од пенал на Наумче Мојсоски дојде до предност од два гола, за конечни 24:22. Најефикасен играч на натпреварот беше стружанецот Наумче Мојсоски со осум постигнати гола, а најдобар во финалето беше Гоце Ојлески.
Во борбата за третото место македонскиот шампион Вардар го совлада белорускиот вицешампион Брест Мешков со убедливи 33:24 (18:13). Покрај убедливата преднот што црвено-црните ја имаа во текот на натпреварот, во второто полувреме Брест Мешков се доближи на 22-21. Но избраниците на Зоран Кастратовиќ продолжија со засилено темпо посебно во одбраната и дојдоа до посакуваниот резултат. Матјаж Брумен од Вардар беше најефикасен со постигнати 10 голови од 10 обиди.
Романска Констанца предводена од поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација Ѕвонко Шундовски во дуелот за петото место го победи францускиот Версај со 33:16. Домаќинот Струга остана на последното, седмо место на турнирот.
Најдобар играч на 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“ е Владимир Петриќ од РК Вардар, најдобар стрелец со 21 гол е Филип Босер од Версај, а најдобар голман е Реми Жерола од екипата на финалистот Иври.
Организацискиот одбор на затворањето на 41. издание на Струшкиот ракометен турнир изрази благодарност до учесниците, кои допринесоа Струга да ја претстават како град, кој спортски може да се носи со сите спортски предизвици и да ја брендира на меѓународната спортска карта.
|