19.08.2013, 15:01 Ќе се бара нова фирма за барокот на „Водовод“
Претпријатието го раскина договорот со пропадната австриска фирма „Алпине бау“ и ја активира банкарската гаранција
Новата административна зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе ја доградува нова фирма. Оваа принудна одлука на претпријатието следи по неодамнешното раскинување на договорот со австриската компанија „Алпине бау“ откако банкротираше, а беше ангажирана за изградба на административната зграда на „Водовод“. По раскинувањето на договорот од претпријатието ја активирале и банкарската гаранција за поврат на вложените средства.
„Договорот со фирмата ‘Алпине бау‘ е раскинат, активирана и наплатена е банкарската гаранција и во тек се активности за распишување нов тендер на кој ќе биде избрана најповолната понуда од фирма изведувач која ќе ја доизгради веќе почнатата управна зграда. Доизградбата ќе почне откако ќе заврши целокупната тендерска постапка и ќе биде потпишан договор со фирмата изведувач“, велат од претпријатието.
Со оглед на неочекуваната новонастаната ситуација, изведбата на објектот очигледно дека ќе доцни. Тој требаше да биде готов до 2014 година, но поради пропаѓањето на „Алпине бау“ изградбата е стопирана. Објектот е стасан до фаза карабина.
Инаку, крахот на австриската фирма ќе биде причина за доцнење на уште неколку проекти во државата, меѓу кои концертната сала на Македонска филхармонија, изградбата на железничката делница Ногаевци - Неготино како и изведба на 47 локални и регионални патишта. (С.Р.) |