19.08.2013, 14:50 За притисоците врз Македонците - казна од 430 евра
Ултранационалистичката Црвено-црна алијанса во Албанија се жали и на ваквата симболична казна за националистичкиот испад во Пустец
Тирана - Крешник Спахиу, претседател на Црвено-црната алијанса, поднесе тужба против одлуката на Комесарот за заштита од дискриминација во Албанија, со кој парично се казнува партијата за инцидентите предизвикани во општина Пустец на 16-ти ноември минатата година. Паричната казна Комесарот ја изрече откако Алијансата не ја испочитува одлуката да се извини јавно за настаните во рок од 30 дена. Спахиу во тужбата тврди дека „претензиите покренати од страна на Комесарот за заштита од дискриминација и општина Пустец се апсурдни и нереални“, бидејќи од страна на Црвено-црната алијанса во општина Пустец не била спроведена никаква насилна или дискриминирачка акција против жителите на Пустец.Казната што треба да ја плати Црвено-црната алијанса за инцидентите изнесува 430 евра.
„Иако Комесарот оцени дека акциите и декларациите на партијата Црвено-црната алијанса се дискриминирачки за македонското малцинство во општина Пустец и дека тие се типични манифестации на агресивен национализам и негирање на нивните права што им се гарантирани од меѓународните акти и внатрешната легислатива, сепак реши да ја казни Алијансата минимално, со 430 евра, без оглед што законот предвидува казна до 3.550 евра“, реагираше Васил Стерјовски од македомската заедница.
Инаку, лани во ноември членови на ултра националистичката партија ја оштетија патната сигнализација на општината, сигнализацијата на гимназијата, здраствениот дом и извикуваа националистички пароли, дека тоа е албанска земја и оти Македонците треба да си одат.Овие испади и закани на Црвено-црната алијанса во општина Пустец ги осуди американскиот амбасадор во Албанија, Александар Арвизу а тие беа споменати и во годинешниот извештај на Стејт департментот за човековите права. (Н.Р.) |