19.08.2013, 14:59 Обновени пешачки премини за побезбедни училишта
Проектот предвидува обновување и боење на пешачките премини пред градинките, основните и средните училишта во Кисела Вода
Општината Кисела Вода тргна во акција за подигање на свеста за безбедност во сообраќајот. Токму тука почна проектот „100 обновени пешачки премини за 10.000 ученици“, чија реализација е договорена со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП). Потпис на договорот ставија и компаниите „Евроинс осигурување“, „Адинг“ и „Кодинг“. Проектот предвидува обновување и боење на пешачките премини пред градинките, основните и средните училишта во Кисела Вода и има за цел да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите.
„Во текот на првото полугодие од оваа година на подрачјето на Скопје и околината се случија вкупно 2.026 сообраќајни незгоди, што е повеќе од истиот период минатата година кога беа евидентирани 1.983 несреќи во кои животот го загубиле 26 учесници во сообраќајот, од кои осум пешаци, тројца велосипедисти и еден мотоциклист“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, при потпишувањето на договорот.
Таа додаде дека со ваквите проекти домашните компании покажуваат висока општествена одговорност, а пешачките премини се дел од националната стратегија за унапредување на безбедноста на патиштата. Кисела Вода е прва општина во проектот за обележување 100 пешачки премини. (Б.Ш.) |