19.08.2013, 10:34 ФОТО: Скопјанец изгоре во пожар во сопствениот дом
ФОТО: Киро Попов
Горан Адамовски
Шеесет и шестгодишен скопјанец загина во пожар во скопската приградска населба Колонија. Пламените јазици избувнале во неговиот стан, првичните сознанија на истрагата велат дека самиот го запалил оганот, но истрагата ќе ги утврди причините за несреќата. Несреќниот маж имал здравствени проблеми. Сопругата била излезен��, двете ќерки не живееле со нив. Настрадаа и другите три стана на првиот кат од зградата. Соседите во шок бегале, стравувајќи за сопствените животи.
Трагедијата се случи денеска околу 8 часот, соопшти полицијата. Пожарот избувнал во домот на Богое С. (66), чие тело подоцна било пронајдено во опожарениот стан.
„Голема несреќа го снајде човекот. Добар, кроток, повлечен човек, поранешен полицаец, ама се разболе, имаше психички проблеми. Со сопругата беа во пензија“, велат станарите на еднокатниот комплекс.
Тие велат дека биле сведоци на вистинска драма. Скопјанецот, како што тврдат тие, се заклучил дома додека сопругата била во продавница и го запалил станот.
„Пламна наеднаш, се прошири оганот по другите три стана на првиот кат. Изгоре покривот. Со трчање бегавме надвор, повикавме Противпожарна, за жал - подоцна разбравме дека Богое починал“, раскажуваат соседите.
Во еднокатниот станбен комплекс има седум ката, четири горе, три на приземјето, во кое има и бурекџилница. Додека надлежните вршеа увид, станарите немо гледаа кон изгорените објекти на првиот кат. Зградата се наоѓа до главниот парк во населбата, стотина метри од патот кон Идризово. Но, станарите во зградата обвинуваат дека на пожарникарите им требало дваесетина минути да пристигнат од Автокоманда, а потоа имале проблем и со цревото на едното возило.
„Слушнав за поплаките на граѓаните, но треба да се утврди кога пожарникарите биле повикани за акција. Често се случува да сте сведок на пожар, а да не се јавите во Противпожарна. Од Автокоманда до тука, пожарникарите не би требало да стигнат за повеќе од пет минути“, рече градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој дојде на местото на несреќата.
Пожарникарите го уверуваа дека пристигнале веднаш штом добиле повик, а градоначалникот им вети помош на граѓаните при санирање на штетите, како и при расчистување на шутот.
„Апелирам до сите да ги осигуруваат своите домови, што, за жал, не беше сторено во овој случај. Тоа можеби е трошок за граѓаните, но при вакви несреќи е многу полезна работа“, изјави Трајановски.
Командантот на скопската Противпожарна бригада, Благоја Менковски, изјави дека починатиот маж бил пронајден во кадата во станот и загинал како последица на задушување. Во гаснењето на огнената стихија учествувале 18 пожарникари со седум возила.
|