17.08.2013, 17:30 ВМРО-ДПМНЕ ќе бара ребаланс на буџетот на Центар
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар ќе бара ребеланс на Буџетот на Општина Центар.
- Целта на овој ребаланс е средствата во висина од 9 милиони и 835 илјади денари, кои државните институции веќе ги имаат уплатено на сметката на Општина Центар, да се искористат за прецизна и конкретна намена, информира денеска на прес-конференција Даниела Рангелова, советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.
Намената на тие средства, според предлогот, би била за обновување и подигнување нови јавни зелени површини на територијата на Општина Центар.
- Со овој предлог на граѓаните ќе им овозможиме околу своето место на живеење да имаат многу повеќе зеленило, а на градоначалникот Жерновски ќе му оневозможиме да креира континуирани конфликти и кавги заради сечењето на петте стари дрва, наведе Рангелова.
Таа посочи дека на сметката на општина Центар, чиј градоначалник сега се противи на изградбата, по основ комуналии за изградба на зградата за Советот за радиодифузија, на 10-ти и 11-ти јуни се легнати 9 милиони и 835 илјади денари.
- Жерновски иако вербално се противи на изградбата, сепак овие пари не ги одбива, туку напротив, ги инкасира во општинската каса. Државните институции и дале пари на општината и Жерновски веќе располага со овие средства, рече Рангелова. |