19.08.2013, 15:15 Евробаскет 2013: Во Копер ќе се игра баскет на море
Tри тима ќе учествуваат на мини-турнир што ќе се одржи на сплав, 300 метри од словенечкиот брег во близина на Копер
Како што се доближува стартот на Европското првенство во Словенија, домаќинот се' поинтензивно работи на што подобра и поуникатна промоција на континенталниот собир.
Најново од организаторот е кошарка на отворено море. За Словенците Евробаскетот 2013 е докажување дека не постојат граници за тоа каде се' може да се игра кошарка. Имено, три тима ќе учествуваат на мини-турнир што ќе се одржи на сплав, 300 метри од словенечкиот брег во близина на Копер, а главни ѕвезди ќе бидат Дино Раѓа, Дино Менегин и Рашо Несторовиќ. Сплавот (40м х 20 м) ќе биде висок три метри, а ќе тежи 1.500 тони.
„Кошарка сум играл на различни локации во Словенија, Европа и НБА, но никогаш на море. Со нетрпение го очекувам овој настан“, изјави еден од капитените на Словенечката репрезентација Несторовиќ, кој во продолжение додаде. „Среќен сум што во тимовите ќе бидат Дино Раѓа и Дино Менегин“.
Со најновата уникатна идеја, Словенците засега покажуваат дека ќе бидат одлични организатори на Европското првенство што стартува на 4 септември, а на кое ќе учествува Македонија.
Пред еден ден Локалниот организациски комитет задолжен за овој настан откри дека забава ќе има и за оние што нема да обезбедат билети за натпреварите од групната фаза. |