15.08.2013, 13:52 Јаневски задоволен од резултатот, но не и од играта
Неговите избраници ставија крај на 509 минутен пост без постигнат гол, но не одиграа онака како тој посакуваше
Селекторот Чедомир Јаневски не ги доби двете посакувани добра од пријателскиот меч против Бугарија. Неговите избраници ставија крај на 509 минутен пост без постигнат гол, но не одиграа онака како тој посакуваше.
„Нашите најдобри фудбалери немаа свој ден. Во првиот дел не успевавме да дојдеме до добри акции пред противничкиот гол. Сепак, имавме две големи шанси кои не ги реализиравме. За тоа можевме да бидеме казнети, но, за среќа, тоа не се случи. Во тој дел од мечот Бугарија постојано правеше вишок на играч на средината од теренот, но не успеа да дојде до водство. Сакам да кажам дека сум задоволен од резултатот, но од играта можевме повеќе. Давид Бабунски покажа дека е огромен потенцијал, поседува техника и неопходна дрскост, но потребно му е уште време“, изјави селекторот на Македонија.
Пенев: Имавме технички проблеми
„Секако дека не сум задоволен од резултатот, од поразот. Но овој натпревар треба да се гледа од најмалку два аспекти. Јас лично сакав да видам што можеме во моментов, испробувавме неколку опции, имавме и нови играчи кои сакав да ги проверам. Се виде дека имавме технички проблеми, доста грешевме. И затоа мислам дека ни чека напорна работа во следните 20 дена до одигрување на следната овој пат квалификациска средба“, истакна по мечот селекторот на Бугарија.
Триумфално деби на Давид Бабунски
Историски чин за националниот тим на Македонија. За нашите „рисови“ деби имаше супер талентот Давид Бабунски од Барселона. Малку симболика или не!? Иднината на мак-фудбалот во 59. минута влезе на местото од најдобриот - Горан Пандев. Во моментите кога Бабунски беше на теренот ние го разбивме отпорот на Бугарија. Младиот фудбалер беше френетично поздравен и од публиката на стадионот која добро знае што добиваме со настапот на Бабунски за Македонија. Давид направи вистински избор, Јаневски го уфрли во вистинско време иако овој фудбалер требаше и порано да добие шанса во најдобриот тим на Македонија. |