18.08.2013, 15:01 Почина полскиот писател Славомир Мрожек
„Смртта на Мрожек означува крај на една ера во историјата на полската книжевност“, изјави Адам Поморски од полскиот ПЕН
Истакнатиот полски писател Славомир Мрожек, кој голем дел од животот помина во емиграција, почина на 15 август во Ница во 83-та година. Тој беше најпознат по збирката кратки приказни „Слон“ (1957) и драмата „Танго“. Живееше на југот на Франција од 2008 година, по повеќе децении поминати надвор од Полска.
Претседателот на полскиот ПЕН-центар, Адам Поморски, изјави дека смртта на Мрожек означува крај на една ера во историјата на полската книжевност. „Тој беше без сомнение еден од најголемите полски писатели на 20 век“, изјави Поморски за медиумите во Варшава.
Во едно неодамнешно интервју Мрожек изјави дека полскиот јазик за него никогаш не беше мртов, и покрај децениите поминати во странство. „Тоа е она што ме правеше среќен и горд“, рече Мрожек, кој во 1963 година емигрираше од комунистичка Полска во Италија, а потоа во Франција и во Мексико. Живееше и во САД, Германија... Во својата татковина се врати во 1996 година и извесно време живееше во Краков, а потоа повторно се пресели во Франција.
Во 1968 година во парискиот „Монд“ објави протестно писмо против советската инвазија на тогаша Чехословачка. Најпрвин тој работеше како карикатурист, а потоа и како автор на кратки приказни и хуморески за секојдневните ситуации, кои го истакнуваат апсурдот на животот и на комунизмот.
„Танго“ е неговата најпозната драма, која го направи меѓународно признат и еден од најизведуваните современи писатели. Неговите дела се играни во многу театри, а меѓу најпознатите, покрај „Танго“, се: „Емигранти“, „Амбасадор“, „Портрет“, „Стриптиз“, „Љубов во Крим“...
Пред три години издавачката куќа „Пингвин“ ја објави збирката негови кратки приказни „Слон“ од 1957 година за животот во Полска во времето на тоталитаризмот. По државниот удар на генералот Јарузелски во 1981 година, Мрожек привремено го забрани објавувањето на неговите книги во Полска.
Во текот на 1990-тите напиша три драми за војната, за дезинтеграција на вредностите и системот втемелен на геноцидот, меѓу кои и драмата „Убав видик“ за војната на Балканот. Мрожек е добитник на орденот на француската Легија на честа за неговиот придонес во француската култура. |