16.08.2013, 12:02 Исинбаева контра хомосексуалците
Руската атлетичарка го поддржа контроверзниот рускиот закон за забрана на промоција на хомосексуалноста
Една од најголемите ѕвезди на Светското првенство, руската хероина Елена Исинбаева го осуди потегот на Швеѓанката Ема Грин-Трегаро, која ја поддржа руската геј-заедница, велејќи дека тоа покажува непочитување кон домаќинот. Таа во исто време го поддржа контроверзниот рускиот закон за забрана на промоција на хомосексуалноста. Грин-Трегаро се натпреваруваше во квалификациите во скокот во височина на Лужники со ноктите обоени во боите на знамето на виножитото, кое го користи геј движењето.
„Тоа покажува непочитување кон нашата земја, кон нашите жители само бидејќи сме Руси. Можеби сме поинакви од Европејците, но имаме наши закони кои сите треба да ги почитуваат. Кога патуваме во други земји ги следиме нивните правила, и тие треба да ги почитуваат нашите. Се сметаме за нормални обични луѓе, кои одат момче со девојче, како секогаш. Се надевам дека нема да имаме проблеми на Олимпијадата во Сочи“, вели 31-годишната Исинбаева, која стигна до третата титула во скок со стап во Москва.
Со контроверзниот закон донесен во јуни се забранува промоцијата на хомосексуалноста и предизвика бура реакции во Европа. Минатата недела, Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) побара дополнително толкување на законот по неколкуте барања за бојкот на Игрите. |