16.08.2013, 10:39 Турција и Египет ги повлекоа своите амбасадори на консултации
Турција го повлече својот амбасадор во Египет на консултации, соопшти претставник на турското Министерство за надворешни работи.
Одлуката доаѓа по острата осуда од страна на Анкара на крвопролевањата во Египет по судирите меѓу силите за безбедност и приврзаниците на соборениот претседател Мухамед Морси.
Одлуката за отповикување на амбасадорот е донесена по консултациите меѓу премиерот Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу.
Турција е една од најжестоките меѓународни критичари на, според официјална Анкара, „недозволивиот преврат“, откако египетската армија го собори Морси на 3 јули.
Анкара го повика Советот за безбедност на ОН да дејствува во правец на запирање на крвопролевањата во Египет.
Малку подоцна и Египет соопшти дека, исто така, го повлекува својот амбасадор во Турција на консултации. Соопштението беше дадено преку државната агенција Мена, без наведување на повеќе детали. |