17.08.2013, 19:51 Болт најбрз и на 200 метри
Јамајканецот се закити со уште едно злато во Москва и постигна време – 19.66 секунди што е најдобро оваа сезона
По златниот медал на 100 метри на Светското првенство во Москва, Јусеин Болт од Јамајка без проблеми победи и во трката на 200 метри, каде немаше речиси никаква конкуренција. Болт постигна време – 19.66 секунд�� што е најдобро време оваа сезона.
Неговиот сонародник Ворен Веир стигна до среброто, а бронзата му припадна на Американецот Куртис Мичел и го спречи Никел Ашмаде, Јамајка да има тројца атлетичари на пиедесталот.
Олимпискиот шампион од Лондон, Стефан Кипротич од Уганда триумфираше и на Светското првенство. Тој должината од 42.195 километри ја истрча за 2:09.51 часа. На второто и на третото место се пласираа двајца атлетичари од Етиопија, Лелсиа Десиса со време 2:10.12 часа и Тадесе Тола, кој имаше време од 2:10.23 часа.
Во трката на 5.000 метри за жени најбрза беше Месерет Дефар од Етиопија со време – 14:50.19 минути, пред Мерси Чероно од Кенија – 14:51.22 и Аламаз Ајана од Етиопија – 14:51.33.
Женската руска штафета во трката 4 х 400 метри го освои златниот медал со најдобро време оваа година – 3:20.19 минути, пред Американките кои имаа заостанување од 22 стотинки, а бронзата им припадна на Британките. Со овој триумф Русија ја прекина доминацијата на Американките во оваа дисциплина, кои победија на последните три светски првенства и на последните две Олимписки игри. Русинките беа светски шампионки 2005 година.
Злато за Русија денеска освои со најдобриот скок во кариерата и Светлана Школина. Таа во скок во височина со прескокнати 203 сантиметри беше прва. „Сребрена“ е Американката Бригета Барет со прескокнати 200 сантиметри. Бронзата им припадна на две атлетичарки затоа што имаа иста серија, претходната светска шампионка Ана Чичерова од Русија и Шпанката Рут Беитиа и двете со прескокнати 197 сантиметри.
Американката Бријана Ролинс стана светска шампионка откако на 100 метри со пречки имаше најдобро време 12.44 секунди и ја победи досегашаната шампионка Сали Пирсон од Австралија, која мораше да се задоволи со среброто. Меѓутоа Пирсон пропушти поголем дел од сезоната поради повреда и второто место за неа е добар резултат со време 12.50 секунди. Бронзата и припадна на Тифани Портер од Велика Британија.
Во фрлање копје кај мажите златен медал за Витеслав Весели од Чешка, кој копјето го фрли со должина 87.17 метри, пред Теро Питкамаки од Финска – 87.07 метри и Дмитри Тарабин од Русија, кој имаше должина од 86.23 метри.
Утре на последниот ден од СП ќе се одржат шест финални дисциплини. |