13.08.2013, 14:33 Гечевски: Фотографијата не ме остави рамнодушен
Македонската кошаркарска репрезентација е комплетна, се приклучи и искусниот центар на МЗТ Скопје
На претстојното Европско првенство во Словенија македонската кошаркарска репрезентација ќе настапи во комплетен состав, во црвено-жолтиот строј се приклучи и Тодор Гечевски. Искусниот центар на МЗТ Скопје сосема очекувано не остана рамнодушен на фотомолбите, пораката од капитенот Перо Антиќ... Одлучи да им помогне на соиграчите и покрај тоа што воопшто не е подготвен.
„Ова е мој прв тренинг со репрезентацијата. Нормално дека фотографијата од соиграчите не ме остави рамнодушен, во секој случај, по контактите што ги имав со членовите на националниот тим и стручниот штаб, решив да се приклучам на тренинзите. Ќе ми треба време да го пронајдам својот препознатлив ритам, но ќе се трудам максимално и ќе давам се' од себе за да му помогнам на тимот најмногу што можам“, изјави Гечевски.
Ветеранот истакна дека неговата улога на Евробаскетот ќе биде епизодна, ќе им помогне на соиграчите кога селекторот Алеш Пипан ќе одлучи дека има потреба од тоа.
„Мојата улога на ЕП ја гледам како епизодна, односно како помош од страна кога селекторот за тоа ќе почувствува потреба. Но, тешко е однапред да се предвиди што ќе биде во Словенија. Најважно од се' е следниот период да го одработиме како што треба, а дури на турнирот во Германија ќе го видиме лицето на репрезентацијата кое ќе биде најблиску до тоа со кое ќе се појавиме на претстојниот шампионат. Верувам дека имаме квалитет за такво нешто, оние помлади кошаркари сега го имаат неопходното искуство, оние поискусните имаат освоено уште по неколку трофеи, па имаме предуслов за да оствариме добар резултат и да покажеме дека успехот од пред две години во Литванија не беше случаен. Сепак, не треба да дозволиме да дојде до еуфорија пред почетокот на шампионатот, како што реков погледите најпрвин мора да се насочат кон минување на групата“, рече искусниот центар.
Сега кога важиме за една од ретките комплетни репрезентации на ЕП можеме да се надеваме на прво минување на групната фаза, а потоа и борба за едно високите места.
Инаку, за утре е закажана прес-конференција, на која бидат изнесени информации за досегашниот тек на подготовките, како и детали во врска со натпреварот против Литванија, на кој ќе бидат одбележани јубилејните 20 години репрезентативна кошарка. (М.К.) |