14.08.2013, 16:26 Илиевски: „Ќе го оставиме срцето на терен“
Репрезентативниот бек посакува нов успех на овој континентален собир, заедно со своите соиграчи повторно да ја израдува македонската нација
МАРИЈА КОВАЧЕВА
На дваесетина дена до почетокот на Европското првенство во Словенија возбудата и желбата за максимална борба на теренот во нашиот репрезентативен табор се' повеќе расте. По приклучувањето на најискусниот Тодор Гечевски, мотивот да се одбрани историското четврто место од Литванија и повторно да се израдува целата македонска јавност расте од ден на ден.
Еден од главните „виновници“ за големиот успех на Македонија на Евробаскетот 2011 година најави максимално залагање на теренот.
„Работевме добро во овој претходен период, со приклучувањето на Гечевски го добивме последниот дел од мозаикот што го чини нашата репрезентација. Сето она што не' красеше и што го имавме во последните неколку години и овој пат е на исто ниво. Само се надевам дека ќе останеме здрави до почетокот на ЕП 2013, не се сомневам дека ќе дадеме се' од себе, ќе го оставиме срцето на терен и ќе се обидеме уште еднаш да ја израдуваме Македонија“, најави искусниот бек Владо Илиевски.
Македонската јавност на дело ќе може да ги види нашите херои веќе в сабота, во салата „Борис Трајковски“ гостува селекцијата на Литванија. На пријателскиот дуел селекторот Алеш Пипан ќе настапи со 14 кошаркари со кои ќе ги тренира пред заминувањето во Јесенице. Словенецот на кормилото на националниот тим од вчера ги ослободи Горјан Марковски и Александар Штерјов, кои ќе им се приклучат на подготовките на своите тимови, како и младите надежи Кристијан Николов, Андреј Магдевски и Љубомир Младеновски.
„Остануваат уште три недели до стартот на Евробаскетот, минавме половина од подготовките. Конечно, се комплетиравме и доста добро тренираме во салата ’Борис Трајковски‘. Моментно се подготвуваме за пријателскиот натпревар со Литванија на кој ќе испробаме неколку варијанти, шанса ќе добијат сите играчи. Резултатот не ни е во преден план, иако сакаме да се претставиме во подобра светлина пред македонската публика, бидејќи ова ни е единствен меч на домашен терен. Задоволен сум од подготовките, играчите даваат се' од себе, максимално се залагаат. Засега немаме проблем со повреди, сите се здрави“, рече селекторот Пипан.
Еден од најмладите кошаркари во нашиот национален табор, Александар Костоски, посакува повредите да ги одминат нашите кошаркари и во следниот период како што тоа беше случај досега и комплетни да го пречекаме ЕП.
„Овие почетни подготовки минаа во најдобар ред, сега сме тука сите заедно и со нетрпение го очекуваме почетокот на шампионатот. Се надевам дека ќе не' служи здравјето и комплетни ќе го дочекаме Евробаскет 2014“, истакна Костоски. |