15.08.2013, 16:28 Јакнење на капацитети во енергетиката
Подобрување на условите во енергетскиот сектор и привлекување повеќе инвестиции. Тоа е целта на ИПА-проектот што наредните две години ќе го спроведува Министерството за економија со европски експерти. Како што соопшти денеска министерот Ваљон Сараќини, во фокусот на проектот, вреден 1,67 милиони евра, е јакнење на административните капацитети на секторот за енергетика во Министерството и на Агенцијата за енергетика. Тоа ќе овозможи обезбедување стабилна правна и регулаторна рамка за усогласување на нашето со европското законодавство.
„Проектот започна денеска, а договорот за негова реализација, кој се однесува на техничка помош, потпишан е со консултантската куќа АТЦ од Австрија. Таа е во конзорциум со енергетски институции од Хрватска, Норвешка и од Грција. Овој проект има четири компоненти од кои две се за подобрување на административното работење и неговата функционалност, една е за усогласување на домашното со европското законодавство и последната е изготвување стратегиски документи значајни за подобрување на енергетскиот сектор“, истакна Сараќини. (Ек.Р.) |