15.08.2013, 15:39 Албанците за Сирија заминуваат преку Турција
Според весникот „Шекули“ дури 769 Албанци се приклучиле кон бунтовничките сили во Сирија
Турската хуманитарна организација ИХХ регрутира стотици Албанци муслимани и по воената обука во Турција ги упатува во борба против владата во Дамаск.
Според весникот „Шеку��и“, организацијата била поддржана од турското Министерство за надворешни работи и од „Вахаби“ екстремистичка саудиска група.
Дури 769 Албанци се приклучиле кон бунтовничките сили во Сирија.
„Регрутите Албанци одат од Тирана за Турција и таму се обучуваат во воената база Рејхан од страна на пензионирани американски офицери. Последната група регрути Албанци за Истанбул замина со летот 1078 на ‘Туркиш ер‘ на 30 јуни годинава“, тврди неименуван извор.
Според него, дел од Албанците муслимани не војувале заедно со Војската за ослободување на Сирија, туку дезертирале и се приклучиле кон групите на Ал Каеда во Сирија. Тој посочува дека 450 од нив дезертирале и се приклучиле кон Ал-Нусра фронт, огранок на Ал Каеда.
Тој признал дека се вратил во Албанија откако ги видел воените злосторства кои ги вршеле терористички групи врз цивилното население во Сирија.
„Кога дојдов во Тирана не се сретнав со семејството поради страв од агентите на турската разузнавачка служба и нивните платеници во Албанија. Со семејството се сретнав откако тоа ја напуштив Тирана“, изјави изворот.
Неофицијално досега во Сирија животот го загубиле најмалку дваесет Албанци од Балканот, од нив тројца од Македонија. (МИА) |