15.08.2013, 16:05 ФОТО: Обама од Кенија ја виде Македонија
Полубратот на американскиот претседател, Барак Обама, Абонго Малик, ја доби Повелбата за мир од Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“.
ФОТО: Киро Попов
Наум Котевски
Македонија влезе во ��ележникот на братот на американскиот претседател Барак Обама, Абонго Малик Рој Обама, како прва земја што ја посетил на Балканот. Пред да ја добие Повелбата за мир од Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“ во име на Фондацијата „Барак Хусеин Обама“, гостинот од Кенија облечен во традиционална африканска облека ја посети спомен куќата на Мајка Тереза, како и Музејот на холокаустот, а се прошета и низ скопскиот плоштад.
Тој со својата височина од речиси два метри предизвика големо внимание кај македонските граѓани, но и странските туристи, кои ги прашуваа луѓето од организацијата за кого станува збор. Шокирани од нивниот одговор побрзаа да се сликаат со братот на славниот Барак.
„Македонија е убава земја, времето е одлично, има и убави жени. Многу сум среќен што имав можност да ја посетам оваа балканска држава. Ви ги пренесувам поздравите од моите сограѓани од Кенија и од Африка и мислам дека оваа посета ќе направи добар мост меѓу нашите народи и дека заедно ќе се посветиме за подобар свет. Привилегија е денеска што нашата Фондација ја добива оваа награда. Ако видиме што се случува во светот и најновите настани во Египет, ќе ви биде јасно дека мирот е многу важна работа. Сите треба да уживаме во слободата, во животот и да се трудиме кон подобра иднина“, нагласи Малик Обама.
Денеска Скопје не беше парализирано, улиците не беа затворени, како што ќе беше во случај ако не' посетеше првиот човек на САД. Но, затоа новинарите беа „блокирани“ пред спомен куќата на Мајка Тереза, каде повеќе од два часа го чекаа гостинот. Наместо во 11 часот за кога беше закажана неговата посета Малик се појави во 13 часот.
Причината, како што успеавме да дознаеме од неколку членови на „Балкан клуб на мирот“ била тоа што на гостинот му се загубил багажот на аеродромот во Истанбул, па имал голем проблем со гардеробата која планирал да ја носи на средбите. Дел од луѓето од организацијата утрото го повеле во шопинг, обидувајќи се така да ја намалат нервозата од патнички проблеми, но, наводно, нему не му се допаднале понудените костими, па така во спомен куќата на Мајка Тереза гостинот се појави во истата облека со која што ден пред тоа допатува во главниот град.
Таму го слушаше предавањето на водичот за животот на големата хуманитарка и почесна граѓанка на Скопје, а потоа во книгата за впечатоци кратко напиша: „Мир и најдобри желби“.
Според луѓето од „Балкан клуб“ главен збор во речникот на Малик, барем за време на престојот во Македонија, бил толеранција.
„Само толеренација и разбирање меѓу народите и религијата е клучот на мирот во светот. Не може да имаме сите еднакво, бидејќи сите не сме исти ниту сме на исти делови во светот, но никој нема право да му скрати некому вода и нешто најнужно за преживување, бидејќи никој не може вистински да ужива во богатсвото, кое го поседува“, рекол Малик Обама на вечерата во „Александар Палас“. Таму, полубратот на Барак во позитивен контекст зборувал и за Јосип Броз Тито. За време на вечерата (јадел риба и пиел вода) во салата влегле двајца Кенијци кои случајно дознале од медиумите дека тој доаѓа во Скопје. Тоа според нашите соговорници уште повеќе го подигнало расположението кај Малик. Тој постојано ја потенцирал важноста на мултиетничноста и мултирелигиозноста. „Имам сестра која е будист, а брат католик. Јас сум муслиман. Луѓето мора да живеат заедно и без предрасуди“, рекол Малик Обама, кој денеска беше и во посета на Општина Гостивар.
|