16.08.2013, 10:13 „Вашингтон пост“ објави извештај од Сноуден за работата на НСА
Американската Национална агенција за безбедност НСА на големо ги прекршувала овластувањата за прислушување на американските граѓани и извршила илјадници прекршоци во кои прислушувала комуникации без соодветна дозвола, пишува весникот „Вашингтон пост“, во истражувачка сторија покрената благодарение на информации доставени од поранешниот вработен во НСА Едвард Сноуден.
Весникот дошол до интерен извештај за работата на НСА од мај 2012 година, во кои се наведени 2.776 случаи на прекршување на правилата на работа, само во изминатите 12 месеци. Се работи за неовластено собирање на информации, нивно чување или дистрибуирање.
НСА заклучила дека повеќето од овие случаи се ненамерни, но има и случаи на прекршување на судски налог и злоупотреба на податоците собрани од над 3.000 американски државјани и жители.
Изворот на информацијата, Сноуден, побегна од САД и се наоѓа под заштита на Руската Федерација, откако почна во јавноста да изнесува податоци за начинот на работа на НСА.
Едно од сериозните обвинувања кои произлегоа од истражувачката сторија на „Вашингтон пост“ е дека агентите на НСА ги лажеле конгресмените задолжени да вршат надзор на работата на службата, така што криеле детали за работата на НСА и за прекршувањата на правилата поставени при прислушувањето.
Сенаторката Дијана Фајнстајн, која претседава со Комисијата на Сенатот за надзор над работата на разузнавачките агенции првпат дознала за извештајот за прекршоците направени во работата на НСА кога новинарите на „Вашингтон пост“ однеле примерок добиен од Едвард Сноуден до нејзината канцеларија.
Некои од случаите наведени во извештајот се комични. Така, на пример, во 2008 година Агенцијата сакала да прислушува телефонски разговори во Египет, каде националниот телефонски код е бројот 20, но по грешка, НСА пресретнала голем број разговори во главниот град на САД Вашингтон, каде локалниот телефонски код е 202. Други прекршувања на правилата идентификувани од НСА се однесуваат на случаи кога нечии телефонски разговори или електронски пораки биле пресретнати поради обична грешка во името.
Сепак, „Вашингтон пост“ наведува дека случаите кои се предмет на извештајот се само грешките кои се случиле во седиштето на НСА и во канцелариите на агенцијата во Вашингтон, додека, додека нивниот број значително би пораснал кога би се броеле прекршоците и во другите канцеларии на НСА низ САД.
Обвинувањата објавени во „Вашингтон пост“ доаѓаат во време кога НСА веќе е соочена со сериозни критики за нејзината работа, пред се за праксата масовно да собира и чува податоци за телефонските разговори кои се вршат во САД.
Иако НСА во оваа програма не ги слушала конкретните разговори, чувањето на податоците за тоа од кој број каде се вртело и во кое време се смета за сериозно кршење на правото на приватност и слободата на комуникацијата. |