16.08.2013, 15:46 Македонските туристи се' помногубројни на албанското крајбрежје
Албанското крајбрежје и ова лето е преплавено од македонски туристи. Првичните процени говорат дека досега во Албанија летниот одмор го минале околу 40.000 македонски граѓани.
Тие најчесто летуваат во Драч, но се' попривлечни се и Валона, Саранда, Каваја, Шенѓин, Ксамил, па и бисерот на албанскиот брег Химара. Меѓу туристите кои летуваат во Албанија, најмногубројни се оние од Дебар, Гостивар, Тетово, Куманово, но се' повеќе ги има и од Битола, Охрид, Скопје...
Дебарчани поради близината секое лето се најмногубројни во Шенѓин, каде што климатските услови се идентични со тие во црногорскиот Улцињ. Ова туристичко место е сместено во близината на градот Лежа, со нови хотели, ресторани, кафулиња, пицерии и, воопшто, не потсетува на некогашното, каде што имало само едно работничко одморалиште. Од ова лето има и шеталиште долго два километра.
Од граничниот премин Блато, на македонско-албанската граница кај Дебар, Шенѓин е оддалечен 140 километри, дел од патот е со оштетувања, но со завршување на изградбата на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр) оддалеченоста ќе биде намалена, а патувањето поудобно. (Ек.Р.) |