18.08.2013, 16:22 Во „Пошта“ разбојниците влегувале како дома
Притвор за деветмина вработени во „Македонска пошта“ кои се осомничени за несовесно работење, што придонело за грабежот на 211.000 евра
Љубиша Станковиќ
За деветмина вработени во филијалата на „Македонска пошта“ во Ч��ир истражен судија од скопскиот кривичен суд изрекол мерка притвор во траење од 30 дена. Крајниот епилог, по приведувањето на вработените и по неколкучасовен распит, е активен притвор за седуммина од приведените, за двајца мерка притвор од денот на нивното пронаоѓање, а за еден била изречена алтернативна мерка - куќен притвор.
Според сознанијата на „Утрински весник“, како недостапни за органите на прогонот се водат сопруга и ќерка на поранешни функционери на ДУИ и токму за овие две осомничени истражниот судија од Основен суд Скопје 1 изрекол мерка притвор која ќе се активира со нивното пронаоѓање.
Апсењето на вработените во „Македонска пошта“ доаѓа по разбојништвото што се случи во филијалата во Чаир, на улицата „Џон Кенеди“ кон крајот на јули кога двајца маскирани успеаа да одземат 211.000 евра.
Со кривичната пријава за несовесно работење во службата се опфатени 10 лица, меѓу кои и шефот на обезбедување на „Македонска пошта“, двајца поштари и уште неколкумина кои биле задолжени за обезбедување на парите, односно лицата А.С.(31), З.Ј.(50), Г.А.(27), И.А.(40), Б.И.(32), Р. Џ.(29), Н.Б.(30), И.П.(41), В.Б.(48) и В.Т.(49), сите од Скопје.
Делото било сторено така што вработените постапиле крајно несовесно во работењето со што на двајцата маскирани разбојници, дојдени со скутери, им овозможиле да одземат 13.660 милиони денари.
Имено, управничката „Пошта“ имала обврска да го организира вкупниот процес на работа во работната единица и во единиците на поштенска мрежа, како и да презема мерки за прописно извршување на поштенските услуги и да го контролира севкупното работење. Таа имала обврска за редовна контрола на Очевидникот за клучеви на каси, а немала контрола и на безбедносните камери со што овозможила неконтролирано влегување и излегување од службената врата на „Пошта“. Обврска на контролорите била да вршат манипулативна и оперативна контрола, но и тие со своето работење придонеле за неконтролираното влегување и излегување од службената врата.
На 26 јули, кога беше извршен оружениот грабеж, осомничената З.Ј. воопшто не дошла на работа во утврденото работно време за да ја отклучи вратата од службениот влез, бидејќи таа ги задолжила клучевите според Очевидникот за клучеви од влезна врата, а осомничениот Н.Б., ја отклучил безбедносната решетка и вратата од службениот влез ја оставил отворена.
Со серијата пропусти, на маскираните разбојници не им било тешко да влезат, а потоа под закана да ги одземат милионите денари што биле наменети за исплата по основ на родителски додаток и додаток за новороденчиња.
Од МВР потврдуваат дека од приведените во „Пошта“ во Чаир само едно лице имало криминално досие, односно дека И.А. за фалсификување исправа бил осуден на затворска казна во траење од 15 месеци.
„Поштата“ во Чаир беше цел на разбојници и во февруари мината година, а од комбе на „Македонска пошта“ во 2005 година, на само неколку стотици метри од филијалата, односно на улицата „Максут Садик“, беа ограбени десетина вреќи полни со пари. Грабежот на 37 милиони денари или 600.000 евра беше наречено „грабеж на столетието“. |