19.08.2013, 12:32 Убедлив триумф на Јувентус во Суперкупот на Италија
„Старата дама“ покажа дека и во новата сезона ќе биде главен фаворит за титулата, откако во Суперкупот убедливо со 4:0 славеше против Лацио
Актуелниот италијански првак Јувентус покажа дека и во пре��рет на новата сезона ќе биде главен фаворит за титулата, откако во Суперкупот на земјата убедливо со 4:0 славеше против Лацио. Дуелот меѓу првакот во Серија А и победникот на Купот се играше во Рим на „Олимпико“, но иако Лацио играше на свој терен, беше немоќен да му парира на подобриот противник.
Јувентус победата ја најави со голот на Погба во 23. минута. Само неколку минути претходно Французинот влезе на местото на Маркизио. Триумфот на „старата дама“ беше заверен за неколку минути во вториот дел и тимот ја одбрани круната од минатата сезона.
Најпрво Кјелини во 52 зголеми на 2:0, две минути подоцна погоди и Лихштајнер, а новото засилување Тевез беше прецизен во 56. минута за убедлив триумф и нов трофеј на најдобриот тим во Италија. За Јуве ова е шести трофеј во Суперкупот на земјата, израмнувајќи се со Милан. |