14.08.2013, 23:11 Бугарија падна во вистинско време
Со головите на Ибраими од пенал и на Трајковски успеавме да го „скршиме“ отпорот на источниот сосед
ФОТО: Телеграф.мк
Постигнавме гол по 509 минути пост, не загубивме по серијата од четири дуели. Македонија ја преслуша Бугарија (2:0) на пријателскиот меч одигран пред полу-празни трибини на нашиот најголем стадион Арената „Филип Втори“. Чедомир Јаневски успеа да стави крај на најлошата серија на нашата репрезентација, која од Данска до Бугарија како да падна во долг шестмесечен сон. Но победата си е победа, па и да е пријателска. Мисијата нашиот национален тим ја исполни иако ни требаше многу пот, и многу време да го разбиеме отпорот на добриот гостин. Бугарија се покажа како добар тим. Репрезентација која до нашите голови имаше одредена доминација, поголем посед на топката па дури и две добри шанси за гол.
Бугарите капитулираа од белата точка. Се играше 82. минута кога судијата Вукадиновиќ досуди спорен пенал за Македонија по кој гостите остро реагираа. Јордан Христов го собори Стефан Ристовски во казнениот простор. Агим Ибраими беше човекот кој ја презема одговорноста и шутираше прецизно од белата точка за 1:0. Противникот беше разбиен, се обиде да се отвори, но тоа го плати со нов шок. По само четири минути игра ја заверивме победата. Прекрасна асистенција на Даниел Мојсов, до Трајковски за 2:0. Голманот Михајлов немаше шанси да го одбрани ударот од десетина метри на нашиот џокер од клупата кому ова му беше дебитантски гол во дресот со државниот тим.
Нашиот национален тим добро го отвори натпреварот. Во третата минута имавме добра шанса за гол. Јаховиќ упати добар удар од прва од десетина метри, но голманот Стојанов со крајни напори го одбрани неговиот удар.
Нашиот голман Томе Пачовски е еден од најзаслужните за овој триумф над источниот сосед. Чуварот на нашата мрежа оправдано го одигра целиот меч затоа што тој двапати спаси две феноменални шанси на играчите од Бугарија. Првиот оној на Тонев во 28. минута кога фудбалерот на Астон Вила се најде во идеална прилика. Пачовски беше на вистинското место и во 44. минута кога спречи Ивелин Попов да е казни. Горан Пандев ја имаше шансата на мечот во 56. минута кога изби сам, кога направи потег повеќе по кој Михајлов навреме истрча, го затвори аголот и го одбрани ударот. |