12.08.2013, 11:24 Серена Вилијамс моќно до трофејот од Торонто
Најдобрата тенисерка на светот го освои „Роџерс купот“ лесно совладувајќи ја Сорана Кирстеа во финалето, со 6:2, 6:0
Серена Вилијамс додаде уште еден трофеј во својата драгоцена колекција. Најдобрата тенисерка на светот го освои „Роџерс купот“, во Торонто, лесно совладувајќи ја Сорана Кирстеа во финалето, со 6:2, 6:0. Со тоа ја заслужи третата титула на „Роџерс куп“ (2005 и 2011), нешто што последно и успеало на Моника Селеш (1995-1998). Ова е осми трофеј за Серена оваа година со што уште во август се изедначува со 2002, нејзината најуспешна година досега.
Кирстеа, од друга страна, не смее да биде незадоволна со првото ВТА финале по пет години. Единствениот маркантен потег на 27. тенисерка во светот беше брејкот во првиот сет, но пред и по него претрпе три на своја кожа. За неа ќе останат во сеќавање трите победи против тенисерки од топ-10, На Ли, Петра Квитова и Каролин Вознијацки.
'Пехарот од Торонто беше 54. во кариерата на Серена Вилијамс. Со тоа таа се осамостои на петтата позиција на вечната листа надминувајќи ја Моника Селеш. Нема дилеми дека ќе ја престигне и сонародничката Линдзи Девенпорт, која има 55, но тука ќе заврши походот на Серена. Причина е тоа што следната пред неа, односно последната од топ-3, Штефи Граф, има 107 титули. Втора е Крис Еверт со 157, а недостижна напред е Мартина Навратилова со 167. |