14.08.2013, 16:15 „Златна камера 300“ за Ањес Годар
Првпат на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ специјална награда за животно дело ќе добие жена
Сунчица Уневска
Француската директорка на фотографија Ањес Годар на претстојниот 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ (14 до 20 септември) ќе ја д��бие специјалната награда „Златна камера 300“ за својот исклучителен придонес во филмската уметност. Со тоа, ова издание на Фестивалот уште еднаш ја испишува историјата, бидејќи Годар е првата жена, воопшто, што во долгогодишната традиција на Фестивалот ја добива почесната „Камера“ за својот опус.
Се разбира, ваквата одлука не е ни малку случајна. Ањес Годар, која е родена на 28 мај 1951 година во Франција, зад себе има импозантен опус од над педесетина филмски наслови и соработка со најеминентните имиња на францускиот филм, но и со некои од најзначајните автори на европскиот филм. Но, она што Годар посебно ја издвојува е нејзината соработка со една од најинтересните француски режисерки последниве две децении, Клер Дени, чии филмови со својата особеност се наметнаа како незаобиколен избор на филмските фестивали, што еднакво ја одушевуваат и публиката и критиката. Дени - Годар се смета и за еден од најплодните тандеми, а особено кога станува збор за две авторки, чие интересно надополнување е толку видливо во нивните заеднички проекти. А имаат работено на дури 15 филма и телевизиски серии, за кои освоија многубројни награди.
Нивната соработка трае цели 20 години уште од филмот „Не можам да спијам“ од 1994 година, во кој Дени на својот оригинален начин се осврнува на животот на имигрантите во Париз. Ова остварување и' донесе на Годар номинација за наградата „Златна жаба“ за најдобра фотографија на полскиот фестивал посветен на филмската камера „Камераимаж“. Уште една номинација освои и со нивниот следен заеднички филм, „Нанет и Бони“ од 1996 година, една исклучителна приказна за близнаци кои растеле одвоено, а за кој Клер Дени ќе го добие „Златниот леопард“ во Локарно.
Највисоката филмска француска награда „Цезар“ за најдобра фотографија Ањес Годар ја освои за филмот на Клер Дени од 1999 година насловен „Добра работа“. Станува збор за необична приказна за еден поранешен француски легионар, која на двете ќе им донесе многубројни награди и признанија. Дени и Годар работеа заедно и на драмата „Проблеми секој ден“ за една американска двојка, која својот меден месец го минува во Париз, а во кој главните улоги ги играат Винсент Гало и Беатрис Дал. За романтичната драма „Петок навечер“ од 2002 година Годар ќе добие награда во Масачусетс, а со „Натрапник“ од 2004 ќе се натпреваруваат за „Златен лав“ во Венеција. Овој филм ќе биде прогласен и за еден од десетте најдобри остварувања таа година. Па се' до последниот „Копилиња“ со Винсент Линдон и Кјара Мастројани, кој годинава беше вклучен во главната конкуренција во Кан.
Она што е посебно интересно кога станува збор за Дени и Годар е фактот дека нивната прва средба се случила на сетот на култниот германски автор Вим Вендерс и виртуозниот директор на фотографија Анри Алекан, кога и двете работеле како нивни асистентки на филмовите „Состојба на нештата“ и „Небото над Берлин“. Годар ќе продолжи да работи како асистент на камера на уште два филма на Вендерс, но на кои фотографијата ја потпишува Роби Милер, „Париз-Тексас“ и „Над облаците“, направен во корежија со Микеланџело Антониони. Инаку, Годар има работено и со уште еден бард на полето на фотографијата Саша Виерни, и тоа на двата филма на контроверзниот британски режисер, Питер Гринавеј, „Зед и две нули“ и „Стомакот на архитектот“.
Целото тоа искуство Годар ќе успее на свој начин да го канализира и да го создаде посебниот ракопис во својата фотографија, што ќе и' донесе препознатливост и многу признанија во Франција и во светот. Покрај со Дени, Годар има работено и на одличниот филм „Дом“ на Урсула Мејер, кој освои голем број награди, а на неа и донесе награда „Лимиер“ и уште една номинација за „Цезар“. Таа работеше и на уште едно извонредно дело, на Ерик Зонка „Сонувачкиот живот на ангелите“ од 1998 година, како и на „Заскитани“ на Андре Тешине, за кој, исто така, доби номинација за „Цезар“. Годар ја очекуваме во Битола за време на целиот Фестивал, а публиката во нејзина чест ќе може да го види филмот „Дом“. |