13.08.2013, 14:13 Војвотката од Јорк се врати во кралското семејство
Сара Фергусон, откако пред дваесетина години беше „протерана“, изминатиот викенд престојуваше во летната резиденција по покана на кралицата
Поранешната снаа на кралицата Елизабета, војводката о�� Јорк, Сара Фергусон се врати во кралското семејство од каде што беше „протерана“ пред дваесетина години, откако изминатиот викенд го помина во летната резиденција, дворецот Балморал во Шкотска.
Во дворецот, војводката престојуваше како гостин на кралицата Елизабета, придружена од својот поранешен сопруг, принцот Ендрју, војводата од Јорк, вториот син на кралицата, како и од нивните две ќерки, принцезите Беатрис и Јуџин.
Британските медиуми кои му посветија големо внимание на враќањето на Сара Фергусон во Балморал, засега не знаат која е причината за овој неочекуван гест кон некогашната кралска снаа, за која советниците во Бакингамската палата јавно тврдеа дека „таа жена“ никогаш повеќе нема да се врати во семејството, без оглед што е мајка на две внуки на кралицата. Весниците во Лондон исто така не знаат ниту за тоа дали војводката и војводата од Јорк ги минале заедно ноќите во Балморал.
Потврдено е дека принцот Ендрју бил во куќата на Сара Фергусон на прославата на 25-от роденеден на ќерката Беатрис, која е шеста во редот на претендентите на британскиот престол. Од таму целото семејство отпатувало за Шкотска, на краток одмор во дворецот на семејството Виндзор. |