14.08.2013, 15:59 Сараќини: Искористени се 78 милиони евра од ЕИБ
Останатите средства од кредитната линија на ЕИБ од околу 100 милиони евра за стопанството ќе се распределат до крајот на годината
Од кредитната линија на Европската инвестициска банка - ЕИБ од околу 100 милиони евра за стопанств��то и за модернизација на капацитетите, досега од нив се реализирани 78 милиони евра. Останатите ќе се распределат до крајот на годината. Ова денеска го посочи Ваљон Сараќини, министер за економија, при посетата на мелницата и пекарницата „Пекон“ во село Челопек, Тетовско. Посетата беше остварена заедно со Драган Мартиновски, директор на Македонската банка за поддршка на развојот, и Мендерес Кучи, претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.
Оваа компанија, чиј сопственик е Јусуф Адеми, веќе користи кредит од 250.000 евра за модернизација на производството. „Со кредитните средства ги зголемивме капацитетите од 30 на 70 тони производство на брашно, бројот на вработените и ги подобривме условите за стопанисување“, рече Адеми. Министерот Сараќини ги оцени вложувањата во „Пекон“ како добар потег, што е очигледно од веќе постигнатите резултати. „Се' поголем е бројот на стопански субјекти што се интересираат за вакви евтини кредитни линии“, подвлече Сараќини.
„Во нашата банка во овој момент се обработуваат барања за кредити од околу шест милиони евра, кои очекуваме ЕИБ да ги одобри во текот на овој месец. Станува збор за кредити за опрема, уреди и машини, со рок на отплата од осум години и грејс-период од две години. Уште една кредитна линија е наменета за обртни средства со помал период на отплата. Во двата случаја се работи за кредити со каматна стапка од 5,5 кредитни поени“, рече Драган Мартиновски. (Г.Е.) |