15.08.2013, 15:20 Ќе се вработат уште 50 лица со статус деца без родители
Огласот е дел од Програмата Д-10 преку која во почетокот на годинава беа вработени 33 лица со ваков статус
Министерството за труд и социјална политика утре ќе распише оглас за вработување на уште 50 лица во државната администраци��а, кои до 18 години имале статус на деца без родители и без родителска грижа.
Огласот е дел од Програмата Д-10 преку која во почетокот на годинава беа вработени 33 лица со ваков статус. Ресорниот министер Диме Спасов најави дека вработувањето на таа категорија граѓани ќе продолжи и во наредните години со цел поголемо намалување на таа категорија невработени.
Лицата кои ги исполнуваат условите за конкурсот ќе можат да аплицираат во наредните 20 дена за добивање соодветен работен ангажман зависно од квалификациите. Согласно со Законот за државни службеници, се планира вработување на 50 лица во Министерството за труд и социјална политика, со звања помлад соработник, виш референт, референт и помлад референт. Тие ќе имаат статус на државни службеници, а зависно од потребите на институциите ќе може да бидат распоредени во други министерства.
„Според Програмата, оваа година ќе бидат вработени вкупно 83 лица, со што значително ќе им се помогне и ќе им се обезбедат услови за нормален живот, постојана работа и нивна интеграција во општествениот живот“, рече Спасов на денешната прес-конференција. |