16.08.2013, 14:03 (ФОТО) Реонски центар „Аеродром“ ќе добие нова инфраструктура
Проектот опфаќа изградба на 1,5 километар нови сервисни улици со тротоари, целосно осветление и околу 1.000 паркинг-места
Во Реонскиот центар „Аеродром“ почна изградбата на комплетно нова инфраструктура. Потребата од реализација на еден ваков важен проект ја наметнаа се' поголемиот број нови станбени објекти во овој дел од општината. Денеска градилиштето го посетија првите луѓе на Општина Аеродром и на ресорното Министерство за транспорт, градоначалникот Ивица Коневски и министерот Миле Јанакиески.
„Со овој проект не само што ќе се поврзат сите објекти во населбата туку ќе се обезбеди и уште еден излез на булеварот ’Видое Смилевски-Бато‘, со што ќе се растовари постојниот сообраќај“, рече градоначалникот Коневски.
Проектот опфаќа изградба на нови сервисни улици со тротоари, во вкупна должина од околу 1,5 километар, кои ќе бидат целосно осветлени. Исто така, ќе бидат изградени и околу 1.000 паркинг-места. Изградбата на инфраструктурата во Реонски центар „Аеродром“ ќе чини 70 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општината. Реализацијата на проектот се очекува да заврши во почетокот на идната година. (С.Р.)
|