17.08.2013, 22:09 ФОТО: Литванска одмазда среде Скопје
Црвено-жолтите го загубија (62:50) единствениот контролен меч на домашен терен пред стартот на евробаскетот
ФОТО: Киро Попов
Марија Ковачева
Македонската кошаркарска репрезентација на успеа да дојде до третата победа во пресметките со Литванија. И��браниците на Алеш Пипан беа поразени со 62:50 во единствениот пријателски меч на домашен терен во пресрет на Европското првенство во Словенија и покрај тоа што имаа водство во првите три четвртини.
Нашите кошаркари добро го почнаа мечот, по водството на противникот од 4:1 во воведните минути, Дамјан Стојановски со три тројки во серија ни донесе предност од 11:6. Но, Литванците брзо се вратија и првата четвртина ја завршија во нивна корист (13:14).
Тројката на Ѓорѓи Чековски на стартот на вториот период максимално ги мотивираше останатите кошаркари на теренот, со серија 13-0 во 15. минута дојдовме до највисока предност од 26:14, но повторно не успеавме да ја задржиме. Селекцијата на Литванија брзо се врати во игра, на полувремето имаше негатива од само еден поен (28:27).
Благодарение на двајцата најдобри наши кошаркари на овој меч браќата Војдан и Дамјан Стојановски кои се во одлична форма, црвено-жолтите успеаваа да ја одбранат позитивата, но се до стартот на последната четвртина (44:43).
Избраниците на Пипан во првите две и пол минути не постигнаа ниту еден поени, на другата страна Литванците со четири поени во серија по подолго време дојдоа до водство (44:47). На момент се разбуди Лестер Бо Мекејлеб, но тоа не беше доволно за целосно враќање на водството. За разлика (во овој дел од постигнавме само шест поени) од нас нашиот противник лесно го наоѓаше патот до кошот, на нецели две и пол миниту до крајот дојде до првата двоцифрена предност (59:48) и истата ја задржа до последната минута.
Во овие моменти Македонија немаше расположен кошаркар, кој можеше да ги повлече останатите. Далеку од потребната форма беше капитенот Перо Антиќ, мечот го заврши без ниту еден поен. Првиот македонски кошаркар во НБА-лигата имаше шест неуспешни обиди од линијата за три поени и еден од поле, а притоа додаде уште четири загубени топки. Недостасуваа поени на Владо Илиевски, а како и на Тодор Гечевски, од кого поради доцното приклучување на подготовките се очекува да се врати во ритам веќе во Словенија.
На крајот браќата Стојановски заедно постигнаа 19, Предраг Самарџиски застана на 11 поени и пет скока, а еден поен помалку реализираше Мекејлеб. Кај Литванците Линас Клеиза со 14 поени и шест скока беше прво име.
Сепак сликата (слабата игра во нападот) на пријателскиот меч со Литванија воопшто не треба да не плаши. До стартот на Евробаскетот каде што треба да бараме победи има уште две недели, доволно време за да кошаркарите дојдат до посакуваната форма. Но од друга страна треба да бидеме свесни дека против Литванците кои во Скопје дојдоа некомплетни ќе треба да го дадеме последниот атом сила доколку сакаме повторно да ги собориме.
|