18.08.2013, 14:49 Становите во Реонски центар „Аеродром“ чинат 795 евра квадрат
Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, овие станови се шанса за сите што ќе аплицираат преку проектот „Купи куќа-купи стан“
На само 10-ина минути од центарот на Скопје, во Ре��нски центар „Аеродром“ се градат станови што се продаваат по 795 евра за квадратен метар. Тоа, според министерот за финансии, Зоран Ставрески, претставува идеална можност за сите оние што сакаат да купат стан преку проектот „Купи куќа, купи стан“ да дојдат до сопствен покрив над глава.
„Половина од вкупно 330 стана колку што се градат во Реонски центар ’Аеродром‘ не се продадени и се шанса за сите граѓани кои сакаат да купат стан преку владиниот проект, бидејќи се поевтини од 900 евра квадрат, што е услов да се добие кредит преку овој проект“, рече Ставрески, кој денеска го посети градилиштето во Аеродром каде што Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор гради седум станбени згради.
„Граѓаните оценуваат дека проектот ’Купи куќа, купи стан‘ е добар, Владата помага многу, но оти е тешко да се најдат станови под 900 евра квадрат. Но, денеска сме на локација на која има такви станови. Не само што тие се продаваат по 795 евра по квадратен метар туку се опремени и со кујна и со клима-уред“, рече Ставрески.
АД за станбен и деловен простор, освен во Скопје, гради станови и во Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Штип, Струмица, Пехчево. Има на располагање околу 300 кои ги продава меѓу 300 и 600 евра квадрат.
„Но, освен станови, се нудат и куќи. Така, фирмата ’Хот и хот‘ нуди куќи во Радишани, а во следните месеци ќе има понуда и во Хиподром и во Илинден, што значи дека граѓаните што сакаат да живеат во куќа имаат извонредно поволни услови за тоа. Оние што сакаат да искористат субвенции од државата со проектот може да добијат 15.000 евра за купување или изградба на куќа и 10.000 евра за стан“, рече Ставрески, потенцирајќи дека проектот наидува на се' поголем интерес кај граѓаните, особено по неодамнешната одлука на Владата да го поддржи со неповратна субвенција
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, рече дека градат едни од најевтините станови во државата. Тој смета дека со субвенциите од „Купи куќа, купи стан“ и непродадените 150 стана ќе бидат распоредени за брзо време, особено што за нив има големо интересирање, пред се', поради локацијата на која се градат и цената по која се продаваат.
Инаку, становите во Реонски центар „Аеродром“ се продаваат преку оглас. За таа цел Станбеното претпријатие објавува конкурси во медиумите и во подрачните единици на секои две недели. Од седумте згради, три ќе бидат готови на крајот на септември, две до крај на годината, или во почеток на наредната, а останатите две во текот на 2014 година. (Б.А.) |