18.08.2013, 14:08 Ставрески во септември ќе пресече за ребаланс на Буџетот
Без разлика дали по август ќе има или не кратење на трошците во националната каса, Владата веќе почнала да работи на буџетот за 2014 година
Од полнењето на државната каса, односно од финансиските резултати за август ќе зависи дали буџетот ќе претрпи измени. Ова денеска го најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во врска со потребата од ребаланс, за што се' почесто се огласуваат економистите.
„Ќе почекаме да видиме како ќе помине август и тогаш ќе видиме дали има потреба од какви било корекции. Но, она што е најзначајно е дека во целина реализацијата на Буџетот и на приходите е во рамки на планираното“, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за есенски ребаланс на Буџетот за 2013 година, по посетата на становите во градба во Реонскиот центар во Општина Аеродром.
Без разлика дали по август ќе има или не кратење на трошците во националната каса, Владата веќе почнала да работи на буџетот за 2014 година. Ставрески информира дека веќе се крои буџетот за наредната година и Министерството за финансии ги почнало потребните разговори и подготовки со останатите ресори.
„Јас сум фокусиран заедно со Министерството за финанси и со другите министерства на изработката на буџетот за 2014 година. Веќе ги почнавме подготовките и разговорите со министерствата. Во исто време ќе се работи и на среднорочната рамка односно на индикативните буџети за 2015 и 2016 година“, рече Ставрески.
Вицепремеорот и министер за финансии, деновиве, во телевизиско интервју рече дека ќе продолжи редовната исплата на платите, пензиите, субвенциите и социјалните надоместоци. Експертите, пак, укажуваат дека во услови кога на средина на годината веќе се потрошени 80 отсто од планираниот буџетски дефицит, Владата ќе нема друг избор, освен да изготви ребаланс.
Според податоците на Министерството за финансии, само во првата половина од годинава државата направила дефицит од 225 милиони евра, што е дури 78,1 отсто од вкупно предвидениот, од 288 милиони евра. Дел од аналитичарите коментираа дека од јули може да се очекува подобрување на приходната страна, заради зголемената акциза на алкохолот и цигарите, што Владата тивко го направи на стартот на јули, но ако другите даноци повеќе потфрлат, нема да биде доволна ни оваа зголемена давачка.
Според нив, непродуктивните расходи ќе мора да се кратат, иако не се исклучува дека на удар ќе се најдат и капиталните проекти, кои, пак, се клучни за економскиот раст, што е особено важно сега кога економската криза во еврозоната е на заминување.
Според Ставрески, завршувањето на долготрајната рецесија во еврозоната е позитивен сигнал, но и Владата и стопанството треба да останат активни.
„Македонското стопанство може да смета дека ќе има зголемена побарувачка од земјите во еврзооната, но тоа нема да се случи нагло, односно ќе има уште предизвици. Треба сите заеднички да продолжиме со напорите, со динамиката на реформи, со подобрувањето на бизнис климата, со обезбедувањето евтини кредити. Да останеме активни и ние како Влада, а и фирмите бидејќи нема простор за преголемо опуштање. Но, треба да се биде малку поголем оптмист со оглед на позитивните резулатати во европската економија“, потенцира Ставрески. (Ек.Р.) |