18.08.2013, 12:08 Сообраќајот со зголемен интензитет надвор од градовите
До крајот на месецов во сила е времената забранa за сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за викенд и при високи температури
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На македонската страна на граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
За потребите на проектна документација за рехалибитација на патниот правец А-1 делница Миладиновци - Куманово во двата правци од 16 јули годинава започна геодетско снимање на тој патен правец, поради што се препорачува внимателно управување со возилата поради присуство на работници на споменатиот патен правец.
До крајот на месецов во сила е времената измена на режим на сообраќај на државните патишта со која се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Забраната за деновите од викендот е: во петок од 17:00 до 22:00 часот; сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот. За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставeнa e соодветна сообраќајна сигнализација (табли).
На патните правци Гостивар - Охрид, Охрид - Ресен и Охрид - Свети Наум од 1 јули 2013 има ограничен режим на движење за тешки товарни возила над 7,5 тони. Ограничувањето на движењето е во следните периоди: петок од 15:00 - 24:00 часот, сабота и недела 07:00 - 24:00 часот. Овој режим на движење ќе важи до 1 септември 2013 година.
Во сила е и забраната за движење на тешки товарни возила на подрачјето на Град Скопје. Забраната важи во временски период од 10 до 20 часот и ќе трае се до 1 септември.
Поради оштетување на коловозот на патен правец Р-409 Маврово - Дебар во близина на Бошков мост сообраќајот се одвива во две ленти преку бајпас (додека траат санациите на оштетената коловозна лента). |