15.08.2013, 12:01 Вардар и Металург убедливи на стартот на „Струга 2013“
Македонскиот првак ја победи Констанца со 33:26, „металурзите“ беа подобри од Струга (30:14)
Главниот настан на првиот ден од струшкиот турнир беше мечот меѓу екипите на Вардар и Констанца. Трибините на игралиштето останаа полни во исчекување на пр��миерата пред македонска публика на првата поголема руска инвестиција во машкиот ракомет во Македонија.
Вардар почна инспирирано, но во желбата веднаш да презеде контрола направи неколку грешки по ред, се разбрани Попеску, а смирената Констанца умешно ја рашири црвено-црната зона, погодуваа крилата Буручеа и Тома, поведе со 3:0 и ја презеде диригентската палка на натпреварот.
Водството на Романците се стабилизираше меѓу три и четири гола и Кастратовиќ по неполни 10 минути игра побара тајм аут.
Брумен и Петриќ погодуваа, а кога на дуото се приклучи и Растворецев, Вардар веќе имаше приклучок.
Но, адути имаше и Шундовски, па не ја предаде лесно предноста. Дури во 22. минута Растворцев со својот петти гол донесе израмнување (12:12), но веднаш по тоа Констанца одново отиде на плус 2 (14:12).
За следно израмнување се чекаше 28. минута, а на минута и пол до крајот на полувремето Вардар за првпат поведе (15:14). По ова имаше контранапад, по тоа и пенал, но и во двата наврати Дибиров беше непрецизен.
Во вториот дел Вардар ја имаше контролата. Констанца им остави премногу простор на Растворцев и Дибиров и Русите се наиграа и постигнаа вкупно 12 гола. По ова и одбраната профункционира, Даскаловски се разбрани 15 одбрани и Вардар се одлепи на плус четири. До крајот македонскиот шампион умешно ја бранеше предноста за прво место во групата и битка за трофејот.
Со натпреварот помеѓу минатогодишниот победник Металург и домаќинот Струга почна 41. Меѓународен ракометен турнир Струга 2013, а сосема очекувано избраниците на Лино Червар славеа со 30:14. |