16.08.2013, 14:49 Спекталот за ЕП може да почне
Во салата „Борис Трајковски“ гостува селекцијата на Литванија. Со овој меч ќе биде одбележан јубилејот 20 години репрезентативна кошарка во Македонија
Марија Ковачева
Подобар противник на единствениот пријателски меч на домашен терен пред стартот на претстојното Европско Првенство во Словенија, репрезентативците но и целата македонска јавност не можеше да посака.
Утре (20 ч.) сите љубители на кошарката ќе бидат на едно место - во салата „Борис Трајковски“ гостува Литванија - селекција кој ни ги буди најубавите сеќавања од Евробаскетот 2011 година. Токму на сметка на овој тим за првпат во историјата македонската кошаркарска репрезентација обезбеди пласман во полуфиналето, тогаш го победивме со домаќинот со 67:65.
Со мечот против Литванците ќе биде одбележан и јубилејот 20 години репрезентативна кошарка во Македонија, па токму ова ќе биде дополнителен мотив за репрезентативците да дојдат до нов втор триумф против оваа селекција. „Црвено-жолтите“ ја преслушаа Литванија и минатата година во пријателска средба во рамките на подготовките за квалификациите за Олимписките игри во Венецуела.
„Нормално е дека посакуваме победа. Сакаме на Литванците да им докажеме дека двата триумфи на се случајни“, вели репрезентативниот центар Предраг Самарџиски, кој заедно со своите соиграчи ќе се обидат да се покажат во најдобро светло пред единствениот меч на домашен терен.
За селекторот Алеш Пипан резултатот нема да биде во преден план, но како што најави би сакал да ја израдуваат македонската публика.
„Натпреварот со Литванија, кој ќе го искористиме да испробаме неколку варијанти, а шанса ќе добијат сите кошаркари. Резултатот на овој натпревар не ни е приоритет, иако ќе биде навистина добро да победиме со тоа што ова практично ќе ни биде единствената средба која ќе ја играме пред домашната публика во Скопје“.
На полувремето на натпреварот, низ мала церемонија, ќе се одбележи јубилејот од 20 години од првиот одигран натпревар на Кошаркарската репрезентација на Македонија, на која признанија и благодарници ќе им бидат доделени на сите поранешни репрезентативци и селектори кои ја завршиле репрезентативната кариера, а кои имале особен придонес во развојот на македонската репрезентативна кошарка.
ОНЕ им посака успех на кошаркарите
Еден од верните пријатели на македонската кошаркарска репрезентација телекомукацискиот оператот ОНЕ им посака успех на нашите херои пред стартот на Евробаскетот во Словенија.
Убеден сум дека со поддршката која ОНЕ и ја дава на најуспешната македонска спортска репрезентација, ќе ги однесе македонските кошаркари на врвот на листата на најпрестижниот спортски настан годинава, Евобаскет 2013-та. Со оглед на тоа дека сум од Словенија ќе ми биде тешко да изберам за кого ќе навивам. Посакувам македонските кошаркари да имаат голем успех“, изјави генералниот извршен директор на ОНЕ Цирил Кафол.
Првиот човек на македонската кошаркарска федерација (МКФ) Даниел Димевски го изрази задоволство од соработката со ОНЕ. „ез вистински пријатели тешко се постигнуваат високи резултати. ОНЕ не испрати кон историскиот успех во Литванија, се надевам дека и ова испраќање ќе ни биде среќно во Словенија“.
Мекејлеб верува во успех на ЕП
Еден од најдобрите кошаркари во македонската репрезентација Лестер Бо Мекејлеб верува дека успехот во Литванија може да се повтори. Американецот со македонски пасош како клучен момент го истакна комплетирање на националниот тим со доаѓањето на Тодор Гечевски, кој сепак ја промени својата одлука околу најавеното пензионирање.
„Верувам дека можеме да го повториме успехот особено сега кога сме комплетни“, беше краткиот коментар на Мекејлеб. |