15.08.2013, 19:19 УНЕСКО проверува што се случува во Охрид
Комисија од светски експерти наскоро ќе дојде да види дали градбите на Плаошник и најавениот проект кај „Свети Наум“ може да го избришат Охрид од листата на Светското културно наследство
Љупчо Поповски
Она што природата го создала со милиони години, а човекот го направил во стотици генерации може со неколку нови големи објекти да биде избришано од списокот на Светското културно наследство што го изготвува Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации, УНЕСКО. Изградбата на објектите на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник и големиот проект на индискиот бизнисмен Субрата Рој кај „Свети Наум“ му се закануваат на Охрид да биде доведено во прашање неговото место на списокот на Светското културно наследство. УНЕСКО кон крајот на септември или во почетокот на октомври ќе испрати специјална комисија од повеќе експерти да провери, испита и документира што се случува во Охрид и околу езерото и колку тоа може да влијае врз статусот на регионот на светската листа.
Во седиштето на УНЕСКО во Париз се сериозно загрижени поради она што се гради во Охрид и од најавите за големиот туристички комплекс до прочуениот манастир. „Загрижени сме за она што се случува во Охрид што може да ја намали вредноста поради која градот е ставен на листата на културното наследство на светот. Реагираме кога има големи проекти кои може да влијаат да се намали вредноста на местата“, вели за „Утрински весник“ Петја Точарова, шефица на Одделението за Светското наследство во Европа и во Северна Америка во УНЕСКО.
По повеќемесечната писмена кореспонденција со македонското Министерство за култура, во која УНЕСКО барал информации за она што се гради или се подготвува за изградба во Охрид и околу Охридско Езеро, специјализираната организација на ОН реши на лице место да види што се случува. Точарова вели дека комисијата ќе дојде во Охрид на официјална покана од министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, испратена во почетокот на јуни. На оваа покана и' претходеле повеќе други писма.
„Во јануари оваа година добивме општо писмо од македонските власти со кое не' информираа за новиот проект за туристички и економски развој на Охрид. Веднаш одговоривме и побаравме повеќе детали и информации за проектот. Нагласивме дека треба да се има предвид кревката природа на езерото, да се внимава да не се носат одлуки пред да се оцени влијанието на новите проекти врз езерото“, објаснува Точарова. Во УНЕСКО сериозно ја подготвуваат оваа мисија и таа е во координација со Меѓународниот совет за споменици и места (ИКОМОС), специјализирана невладина организација посветена за конзервација на Светското културно наследство. Точарова вели дека експертите од ИКОМОС (кој е партнер на УНЕСКО) веќе ги напишале своите коментари за случувањата во Охрид и тие им биле испратени на македонските власти.
Македонија го има само Охридскиот регион на листата на Светското културно наследство, која содржи 981 место. Комитетот на УНЕСКО донесе одлука уште во 1979 година на оваа листа да го приклучи Охридско Езеро според критериумите за природна убавина. Наредната, 1980 година, одлуката беше проширена и во неа беше вклучен и културниот и историскиот центар на градот Охрид. Во објаснувањето на УНЕСКО зошто регионот бил приклучен на светската листа се вели дека „Охрид е културен центар од голема историска важност не само за овој дел од Балканскиот Полуостров, туку за сите нации кои го користат словенскиот јазик и за светската историја и литература. Овој град и неговата историско-културна околина е со извонредна убавина, а неговата архитектура ги претставува најдобро зачуваните и најкомплетни јадра на старата урбана архитектура на словенските земји“. Понатам��, во подолгиот опис се споменуваат повеќе цркви, Самуиловата тврдина, а посебно е нагласено влијанието на манастирот „Св. Наум“ во развојот на глаголицата и кирилицата.
Петја Точарова нагласува дека во централата на УНЕСКО во детали се запознати со она што се случува во Охрид. „Добивме информации од официјалните македонски извори, имаме сериозна комуникација со вашата Влада, со амбасадата во Париз и, што е особено важно, со невладиниот сектор. Многу информации добиваме и од обичните граѓани, а и од медиумите. Минатата недела добивме информации од наши колеги, кои работат во други меѓународни културни организации што биле неодамна во Охрид и не' информираа за тоа што се случува во градот“.
Бидејќи проектот за луксузниот туристички комплекс е уште во развојна фаза во УНЕСКО се посебно ангажирани кон она што е веќе во градба – зградите на Плаошник. Таму покрај црква изградена врз стари темели и откако беше урнат Имаретот, се гради комплекс што треба да претставува возобновување на Светиклиментовиот универзитет. Според проектот на Управата за заштита на културното наследство, таму тре��а да се изградат богословски факултет, манастирски конак, резиденцијален објект, компјутерски центар и афилијации на светски универзитети. Иако се наоѓа на почетокот на изградбата, комплексот ја надмина сумата од 11 милиони евра, а според процените на Управата за заштита на културното наследство, за завршувањето на градбите (се предвидува тоа да биде во 2016 година) ќе бидат потребни 24 милиони евра.
„Не се работи толку за црквата на Плаошник, туку за новите згради што треба да се направат околу неа. Ние дадовме коментари за овој проект, дискутиравме со вашите власти. Нашата мисија ќе дојде за да може да се избегнат негативните ефекти врз статусот на Охрид. Всушност, поканата да дојде нашата мисија се однесува за Плаошник. Но, таа комисија од експерти нема да го разгледува само Плаошник, туку и најавите за новиот проект кај ’Свети Наум‘. Околу тоа сме еднакво загрижени“, вели Точарова.
„Секој нов проект кој може да има негативно влијание врз местото што е Светско културно наследство треба прво да ни се претстави нам во УНЕСКО. Тоа треба да се направи пред да се донесат решенија и да започнат дејствата, за да не се случи да бидат донесени одлуки кои потоа нема да можат да се повлечат. Комитетот за Светското наследство мора да даде мислење за тоа. Очигледно се работи за многу големи проекти, и оној на Плаошник и овој што е во најава кај ’Свети Наум‘“.
Таа со загриженост ги оценува најавите за големиот комплекс на Индиецот Рој. „Мое лично мислење е дека ваков проект, каков што се најавува да се изгради кај ’Свети Наум‘, ќе се одрази многу негативно на езерото. Ако се изгради тоа што се пишува - големи хотели, казина, пристаниште, тоа ќе го наруши визуелниот изглед на езерото. А за тој природен изглед, за таа убавина Охридско Езеро е на списокот на Светското културно наследство. Друго е кога ќе има природни несреќи, пожар од небрежност, земјотрес, но сосема друго е ако тоа се направи со решение на властите“.
Петја Точарова нагласува дека во УНЕСКО, кој се грижи за состојбата и во Охрид, има многу работи кои ја запалиле црвената светилка во центарот на организацијата во Париз. „Во Европа во овој момент има пет места на кои им се заканува бришење од листата и ние многу работиме сите да останат на неа. Пред да се избрише местото од листата, се прават сите возможни напори тоа да се зачува, но во крајна мера тоа и ќе се избрише, како што се случи со Дрезден и регионот на арабиската антилопа орикс во Оман. Во УНЕСКО се надеваме дека нема да дојде до таква ситуација со Охрид“, вели Точарова.
Зошто беа избришани Дрезден и регионот на антилопата орикс во Оман
Долината на реката Елба кај германскиот град Дрезден беше избришана од листата на Светското културно наследство откако властите во Саксонија инсистираа да направат мост со четири ленти. Бидејќи долината на Елба во листата на УНЕСКО е заведена како природен пејзаж и откако мостот визуелно ја подели на два дела, таа беше избришана од списокот. Објаснувањето на УНЕСКО е дека со мостот исчезнала убавината на пределот поради кој тој беше ставен на светската листа. Тоа се случи во 2009 година.
Две години порано, во 2007 година, УНЕСКО го избриша регионот каде што живее арабиската антилопа орикс во Оман (држава на рогот на Арабискиот Полуостров) затоа што властите одлучија да го намалат заштитеното подрачје за дури 90 отсто. Властите во Оман решија да продолжат на тоа подрачје да вршат големи неконтролирани истражувања со што бројот на паровите антилопи од 450 се намалил на 65, а сега има само четири пара. Поради таа еднострано намалување на заштитениот регион, овој предел беше избришан од листата на Светското културно наследство.
Во Германија сега има уште 38 места заштитени од УНЕСКО, а во Оман четири. |
Статијата е прочитана 3269 пати.
|
|
Испрати коментар
|
|
Mapkoc, 16.08.2013 01:32:51 | Авторитарната власт во Македонија одново покажува безобѕирност спрема наследството, бидејки се вклопува во нејзината визура за преродба (види Скопје 2014). Во случај на Охрид, можеби таа тоа го прави или позволува да се прави од дефицит на свест за последиците. Али е затоа евидентно ниска свеста кај населението околу Охридското езеро. Таму одамна не сум бил, али не можам да заборавам колку пати сум видел неверојатно и неказнето загадување на Езерто од домашните луѓе - од миење автомобили натаму. Да е свеста поинаква, безбели би имале решителни отпори спрема она што му се прави на Охрид и Езерото. Oнака како тоа, пред десетина години, успешно го сториле домородците во Боливија, спротиставајки му се на меѓународниот капитал да им ги грабне водните ресурси под маска „приватизација“. |
| Da, 16.08.2013 04:57:56 | E pa taka e,vo UNESKO nemaat pastir da odlucuva za vse i vsja! |
| ZEMJATA, 16.08.2013 08:03:10 | Nikoj od vladejackava bulumenta nema da se potrese dokolku Ohrid bide izbrisan od UNESKO.Dapace velat hrvatite tie bi b ile presrekni koga ovaa drzava bi bila izbrisana od kartata na svetot. |
| citatel, 16.08.2013 08:10:26 | Uste koga gi smenija plocite od glavnata ulica i stavija tie rozovi kako vo kupatilo, bese jasno deka nesto ne e vo red. Prodavnicite i restoranite so aluminiumski prozorci i neonski reklami se smesna kombinacija so prekrasnite Ohridski gradbi. zarem nie mislime deka svetot ne go primetuva toa,ili ke ni kazat ete ne mrazat i namerno ni go pravat ova.Uste koga ke dojde Subrata situacija ke bide nepopravliva |
| Mile, 16.08.2013 09:39:25 | Ova izjava e kontadiktorna opsto za razvojot na Republika Makedonija.Proektot vo Sveti Naum sto treba da se realizira ke pridonese mnogu za ekonomijata na Makedonija,a izgrabite na objekti vo Plausnik,sigurno ke se gradat po najnovi normi i standardi koi voopste ne bi go zagrozile izgledot na gradot Ohrid.Zalosno e sto vakvi kontraditorni izjavi se pojavuvaat vo nasava zemja.Mislam deka nasite instituci nema da podpadnat na vakvi provokaci. |
| Кадавер, 16.08.2013 09:53:25 | најавата за Љубаништа е во некоја идејна фаза,тешко и дека ќе се оствари; но КОЈ ја започна градбата на Плаошник ?? дајте конкретни имиња, организации ...таа нее од сега и не гледам таму некој цивилен бизнис...инаку мене не ми се допаѓа ни тоа што одамна го изградија кај Калишта, мнастирски комплекс со пристаниште во луксузен стил, а и во Свети Наум одамно е сменета аутентичноста |
| miki, 16.08.2013 10:41:39 | И што мислите Груевци и Преродбениците ќе се саклдисаат за тоа што УНЕСКО ќе не избрише???? Кај нив се работи за личен интерес пред се а после............. се разбира
Бранко е крив??? |
| Do Mile, 16.08.2013 11:07:40 | Proektot vo Sveti Naum sto treba da se realizira ke pridonese mnogu za ekonomijata na Makedonija - veli Mile. Da ti kazam nesto, ako ekonomijata e povazna od unistuvnjeto na ezeroto, togas eve moj predlog za razvoj i blagosotojba na Makedonija. Da im se ponudi na Francija, Britanija i Germanija dogovor za skladiranje na nuklearniot otpad od nivnite nuklerani centrali i pola drzava ne mora da raboti. A koga ke pomine dogovorot i taka nema da ima preziveani da se sekiraat za rabota i pari. |
| Skopjaniciste !!, 16.08.2013 12:37:54 | kako da go razvieme Ohrid ..e lesno polovina ohridani ziveat pola Ohrid pola Skopje a se bunat skopjanicista im zele stanovi a koj nas ni zema ,,,resenie Ohrid ke bide grad ako i onie drugata polovina ohridani se iselat pa ke mu pojde konecno na Ohrid toj e ubav ama ohridanite ne gi biva bre za nisco !!! |
| BitolaHamiltonCanada, 16.08.2013 12:38:20 | Do Mile, Znajsh sho e zhalosno,toa shto ti go pishuvash e zhalosno.A katostrofalno e toa shto odgovorni lichnosti vo vlasta shto odluchuvaat za sudbinata na Ohrid se laici,skoroevichi koj blaga veza nemaat shto e kulturno nasledstvo i vo shto e znachenjeto i ubavinata na avtentichnosta na Ohtid.Vo Utrinski od 09.07.13,na ovaa tema mnogu ubavo pishuva Marija Stankovska-Samali doktor na nauki.Citat:*Iljadnici turisti koi gi chekame da go vidat ohridskiot Dubai shto treba da se gradi,najverojatno nema da dojdat-ke si odat vo Dubai da go vidat originalot.Vo Ohtid se doaga da se vidi avtentichnosta*.Dobro bi bilo,laicite i skoroevichite od vlasta,a i ti i site kako tebe shto gledate kontradiktornost kade shto voopshto ja nema,da go prochitate pisanieto na Dr.Samali.Dosta vi e kichot SK-14.Go osakativte Skopje,drzhetegi vashite nechisti race podaliku od Ohrid. |
| grant, 16.08.2013 13:07:16 | Izvonreden Text potkrepen so argumenti. |
| gragjanin, 16.08.2013 16:33:22 | Опомената дека Унеско може да го избрише Охрид од листата не е од сега. Уште за времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, на Љубчо Георгиевски, министер за култура Ганка С. Цветанова, власта беше опомената да не гради на Плаошник црква бидејќи според новите светски стандарди, археолошки наоѓалишта само се конзервираат и на нив не е дозволена градба! Ама локалните моќници си тераа по свое! |
| Mirko, 16.08.2013 18:30:19 | Nema pogolem makedonec, od makedonecot-patriot koj lomi i krsi se, a da dokaze deka e makedonec. Rimski i vizantiski period e preskoknat, kako nikogas i da ne bese. Patriotive, znaat znanje! |
| Z, 16.08.2013 22:50:42 | Posledni makedonci bea poslednite revolucioneri koi mnogu brgu zaginaa (najcesto od sosptveni makedonci). Ni sme sram za nivno velicenstveno delo, pa go sproveduvame unistuvanje na se ostanatoto makedonskoto. |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 30°C
Ведро
|
Недела
Сончево
Макс: 34°C, Мин: 17°C
|
Понеделник
Сончево
Макс: 34°C, Мин: 18°C
|
Вторник
Ведро
Макс: 35°C, Мин: 19°C
|
Среда
Претежно облачно
Макс: 33°C, Мин: 17°C
|
Четврток
Претежно облачно
Макс: 32°C, Мин: 17°C
|
|
|
|
|
|