16.08.2013, 17:47 Реплики
Празен претседателски трон
Соња Крамарска
Претседателските избори што треба да се случат во април идната година, ќе бидат едни од најважните избори кои можат да ги дадат првите сигнали за разврската на зовриената македонска политичка сцена
Зошто никој не зборува за претседателските избори, а тие се на прагот? Во македонската вечна трка за власт, изборите за претседател на државата никогаш не биле толку потценети како овие што сега треба да се случат. Причини за тоа има многу. ВМРО-ДПМНЕ, партијата фаворит на сите избори во последните седум години, очигледно не може да одлучи дали да му даде уште еден мандат на претседателот Ѓорге Иванов кој се покажа исклучително неуспешен на оваа функција. Ако одлучи да го повлече од трката, внатре ќе им се отворат многу судири. ВМРО-ДПМНЕ е веќе седум години на власт и е време да размислува и за еден друг вид на менаџмент, а тоа е начинот на напуштање на власта и штетите што можат да им се случат на партиски но и на личен план. Тука претседателската функција може одлично да се вклопи. СДСМ, пак е очигледно се' уште неконсолидирана партија и е далеку од потребните инфраструктурни и политички капацитети да почне подготовки за претседателски избори. Во што секако, грешат.
Но, претседателските избори што треба да се случат во април идната година, ќе бидат едни од најважните избори кои можат да ги дадат првите сигнали за разврската на зовриената македонска политичка сцена. Од личноста што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја кандидира ќе може да се видат намерите и кондицијата во која се наоѓа партијата која за македонски услови ги руши сите рекорди на непрекинато владеење од седум години и победување на сите видови на избори. Ако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го кандидира Иванов тоа ќе значи дека самодовербата на Груевски е се' уште висока и дека кај него не постои никаква антиципација за можно губење на власта во догледно време. Доколку пак, се одлучат за некој од највисокото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ како што е Ставрески, тоа може да значи дека партијата прави проекции за можно губење на власта и сака да стави доверлива личност на претседателската функција која подоцна може да им притекнува во прва помош ако станат цел на прогон од новата власт. Да се сетиме само на двата крупни случаи на аболиција од страна на претседателот на државата, на Борис Трајковски за Доста Димовска и Бранко Црвенковски за Зоран Заев.
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да се определи да кандидира личност надвор од партиските редови како што беше случајот со Иванов, некој од интелектуалците со симпатии кон десницата, тоа ќе значи дека тие се се' уште во политичка кондиција и дека немаат намера уште долго да отстапат од власта. Четвртата можност е проверениот рецепт, партискиот лидер и актуелен премиер Груевски да ја напушти оперативната и заморна функција во Владата, и да се пресели на претседателската функција. Таков план на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ може да значи дека тој се повлекува од проблемот со името, слабиот економски развој, ниското ниво на странски инвестиции и му го препушта на друг кормилото на партијата и на власта. Односно дека Груевски е спремен на целосно повлекување.
За разлика од досегашните избори претседателски, парламентарни и локални, СДСМ има поголеми шанси на претстојните претседателски избори од било кога. После седум години непрекинато владеење на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ќе сакаат да одземат дел од власта на ВМРО-ДПМНЕ и да и дадат на опозицијата. Тоа е сосема логично после долготрајно владеење на една партија. Но дали ќе се случи тој важен пресврт, зависи од изборот на кандидатот на СДСМ. Ако новото раководство на СДСМ им пристапи на претседателските избори студиозно и амбициозно а не како на минатите само површно и како обврска а не амбиција, може да се случи големо изненадување на политичката сцена и вовед во крупна промена на односот на политичките сили во целата држава. За е��ен таков исход е секако важно како ќе се позиционира и Али Ахмети, чија партија ДУИ на пример, на претходните претседателски избори не даде гласови за изборот на претседателот Ѓорге Иванов. Но ако Ахмети е искрен во неговата загриженост за курсот по кој се движи Македонија особено во делот на надворешно-политичките прашања, тогаш претседателските избори се извонредна можност тоа и да го демонстрира.
Социјалдемократите засега во рацете имаат два адути – екскомунистот Петар Гошев кој може да ги пробуди кај гласачите убавите спомени на политичка дисциплинираност и морал на протагонистите од некогашната југословенска сцена и на животот во Југославија (а тие што мислат дека тогаш подобро се живееше воопшто не се малку) и модерниот и елоквентен Стево Пендаровски кој со добра ПР машинерија може да биде понуден како нова личност за ново време кое на Македонија и е повеќе од потребно. Меѓутоа, во левицата може да се смета на уште заинтересирани кандидати сега откако е на врвот ново раководство кое има свои луѓе. Лобирањата се во полн ек на „Бихаќска“.
Иако многумина сметаат дека коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е цврста, голема е веројатноста на претседателските избори ќе дојде до непријатно соочување меѓу Груевски и Ахмети. Ахмети кој и самиот ги руши рекордите на владеење (четири години во владата на СДСМ од 2002 до 2006 и пет години во владата на ВМРО-ДПМНЕ), повеќе не може да игра на картата на незадоволен коалициски партнер на кој не му се слуша гласот во Владата. Тој после толкав период во Владата, носи идентична одговорност како и премиерот. Оттука, ако продолжи таа коалиција и на претседателските избори, Ахмети повеќе нема што да вика новинари во Мала Речица и да им кажува колку е многу загрижен за иднината на државата поради нерешавањето на спорот со името и незачленувањето во НАТО и ЕУ.
Најпосле, од исходот на претседателските избори зависи и дали ќе се чекаат редовни парламентарни избори или и тие ќе се одржат предвремено. Кај ВМРО-ДПМНЕ веќе се гледа замор од владеењето што е многу логично после толку долг период управување со државата, но дали опозицијата е во состојба тоа да го искористи е веќе друго прашање.
*****
Зошто во Македонија поточно во Скопје е дочекан со потценување Малик Обама, братот на претседателот на САД? Или полубратот сеедно. Веста дека во Македонија доаѓа брат, член на семејството на најмоќниот лидер на светот, е сама по себе голем настан. Но во Скопје, кое им има пружено гостопримство на секакви луѓе, од секаков ков, оваа вест е дочекана безмалку со потсмев и цинизам.
Зошто е тоа така? Затоа што македонското државно раководство не е задоволно од односот на САД во спорот со името со Грција, затоа што станува збор за личност од друга раса, згора на тоа и живее во Африка, затоа што е со сомнителен морал, или нешто сосема десетто? Замислете да дојдеше, да речеме, прва братучеда на Џорџ Буш или на Бил Клинтон, која на ни еден начин не е поврзана со политиката во САД. Мислам дека македонската Влада тоа ќе го објавеше на големи ѕвона и ќе се погрижеше нивните фотографии со таа личност да се најдат на првите страници од весниците.
Но со Обама постариот не излезе така. После сите Хунзи, белосветски фалш бизнисмени, третокласни политички фигури кои продефилираа низ кабинетите на највисоките политички личности во Македонија, државниот врв во Скопје не одвои пет минути за полубратот на актуелниот претседател на САД со кого Барак Обама е очигледно во активна комуникација. Во најмала рака тоа Белата Куќа може да го доживее како тешка навреда. Дури и еден потомок на Кенедиеви, ќе поминеше подобро во Македонија, па веројатно во заеднички муабет со нашите државни раководители ќе најдеа и дека и Кенеди е член на лозата на Александар Македонски. |
Статијата е прочитана 1938 пати.
|
|
Испрати коментар
|
|
jovan, 17.08.2013 00:38:09 | Ako VMRO povtorno go kandidira Ivanov, definitivno samite ke si go prekinat lanecot na pobedi, pa togas neka na vreme si razmisluvaat kako i sto otkako ke ja izgubat vlasta. No mislam deka tokmu so pretsedatelskite izbori ke *im tekne* nesto sosema novo i neocekuvano(za toa se majstori) pa povtorno ke go nadmudrat SDSM i lesno ke pobedat. SDSM pak se majstori za losi i stari *finti*, pa posle pak kriv ke im bide narodot koj gresi, ama zaboravaat deka toj narod gresi bez greski. Kako i da e pretsedatelskite izbori ke bidat mnogu pointeresni od parlamentarnite, bidejki pokraj partija tuka ima i licnost koja ke treba da bidi prifatliva, da ponudi nesto novo/interesno i konecno da vnese nesto novo vo funkcijata Pretsedatel, a ne da bide samo potrcko ili da se slika na paradi. Mislam deka VMRO ke smisli nesto, dodeka za SDSM mislam deka nema apsolutno nisto novo da im tekni. |
| meksikanec, 17.08.2013 00:55:47 | Одлична колумна во која многу уврливо ги костатиравте сите можни варјанти на политичката сцена,а значењето сосема правилно го подвлековте со црни букви.Груевски и ДПМНЕ, Амети и ДУИ,како долгогодишни партнери,сем досегашните победи на изборите,нема со што да се пофалат, на внатрешен и надворешен план.Ако се земат во обзир бројните задолжувања во земјата и странство,целосниот дебакал со Скопје 2014 и лошите политички и економски ефекти со Субрата Рој и Јужниот ток,Власта бара погоден момент за повлекување без одговорност,а срамот и теретот за состојбите во државата, да им ги препушти на тој што ке ги наследи.За председателското место повеќе треба да направи СДСМ и да го искористи како одскочна даска за коначен обрачун со власта.Тоа е можност да се ослободат и бројните политички затвореници од затворите,што ке биде порака до народот и светот за враќање на демократијата,но и опомена до партизираната полиција и судство,да поведат сметка за своите постапки,поради промените што ке следат. |
| Samoil, 17.08.2013 07:12:25 | Владеачката пропагандна машинерија досега не оставаше резултатот на изборите да зависи од случајности. Губењето на локалните избори во Центар е само знак дека со досегашните методи може да се изгуби. Начинот на кој се однесуваат кон градоначалникот на Центар наликува на „победникот нема шанси да победи“ слично на „народот е во право и кога греши“. Причината владеачката машинерија да „изгуби“ може да биде истата која го натера БЦ да стане претседател т.е. да помислат дека не можат да направат ништо паметно во државата. Мислам дека на такво нешто не помислуваат. Активирањето на пропаганданата машинерија во претседателски избори со ризик да изгубат ќе биде опасно. Мое убедување е дека нивната процена на најмал ризик да се изгубат изборите ќе биде ако заедно со претседателските се одржат и парламентарни избори, а тоа ќе биде најголем ризик за сите нас. Висок е ризикот да нема што да добијат тие што ќе победат, а другите секако губат. |
| ZEMJATA, 17.08.2013 08:05:40 | Tocno g-go Kramarska tie i razmisluvaat za stetite posle zaminuvajne od vlasta (individualni partiski) pa satoa od pusti strav za nea se drzat kako slep za stap.Kako ubavo vaka so polni cekmedzina (ama da ne odgovarrat) bi im legnala edna opoziciska uloga pa partal da ja pravat narednata vlast.No po moe mislejne ovde ne treba da go zaboravime reziserot na ovaa prestava vujko Sem.Jas mslam deka ovaa vlast ke stane opozicija vo onoj moment koga Pastirot ke se soglasi na promena na imeto a koga toa ke bide samo vujko Sem i Gospod Bog znaat a do toj den Toj spolajmu neka ni e na pomos. |
| JAS, 17.08.2013 08:23:48 | Neznam koj e polos? Pendarovski, Gosev, Ivanov, Kekeknovski, Gruevski........ |
| Пусти желби на лузерите, 17.08.2013 09:17:39 | СДСМ имал поголеми шанси на претстојните избори!? Да, но само ако пак го кандидираат Фрчко. Хахахахахахахаха... Па зарем уште не ви е јасно дека лузерите дефинитивно се распаѓаат. Повеќе шанси има некој независен кандидат. |
| milan, 17.08.2013 10:51:18 | Mu preporacuvam na gospodinot Zaev, sto poskoru vo partijata da organizira izbori za kandidat za predsedatel i taa licnost studiozno da se podrzi i forsira,kako sto veli avtorkata na ova kolumna. POZDRAV. |
| Do Milan, 17.08.2013 12:56:05 | Milane, kako chlen ili simpatizer na SDSM, dali ti dozvolija da aplicirash za proektot na vladata za bespovratni sredstva za kupuvanje stan? Znachi, za aplikacijata prashuvam, za dobivanjeto sredstva i ne prashuvam, bidejci site znaeme deka e toa *nevozmozna misija*. A sega za predsedatelskite izbori. So ogled deka kaj nas sekoe chudo trae tri dena, odnosno, narodot tolku pamti, jas go podrzuvam SDSM da ne se istrchuva i otvara temi/rabota na novinarite, nego da gi cheka poslednite *tri dena*. Taka izgore so rabotnoto leto za lokalnite izbori, a pameten ne se sopka dvapati na ist kamen. A i Sonja e kontradiktorna, od edna strana nemalo nishto, a od druga na Bihacka se rabotelo turbo. ??? |
| Zernovski za Predsedatel, 17.08.2013 13:00:59 | Zernovski za Predsedatel, i taka nisto ne mu odi od raka kako gradonacelnik. A bogami, po gafovite mozebi ke go nadmine Horhe. Dajte narodu leba i igara, rimska pogovorka odomakineta vo MKD na srpski jazik. |
| Brana, 17.08.2013 15:31:19 | Odlicen tekst na Kramarska, no potfrluva na listata kandidati od opozicijata. Vistinskiot poteg na SDSM e dokolku predlozi kandidat Albanec, no nekoj koj e nadvor od orbitata na politickite partii. Toa ke bide udar vo srceto na dvoecot Ahmeti-Gruevski i razbivanje na veke videnata sematizirana politika vo koja Grujo taka dobro se snaogja. |
| девичанецот, 17.08.2013 20:15:25 | Почитувана Соња,
Самата и без аргументи си даваш оценка за (не) успешноста на работата на претседателот. Таа оценка ја дава народот и ќе биде позната после наредните претседателски избори.
За тебе секако Фрчкоски би бил многу или екстра успешен претседател, само што на твоја жалост и сто пати да се кандидира, нема да биде избран. |
| владо, 17.08.2013 22:02:19 | Според написите кои ги читаме а во нив се застапени длабоки и интелектуални анализи, ако навистина е тоа така како што го пишува, според мене за претседател на Македонија најпогдна личност би бил Арсим Зеколи. Искусен, верувам доблесен политичар, космополит. |
| do Sonja i ZEMJATA, 17.08.2013 23:25:57 | Ne se mnogu 7 g.za vladeenje na edna partija.Ovaa vladeacka partija uste dolgo ke vladee,zatoa sto nema koj da ja smeni.I ne odlucuva partijata dali i koga da se povlece.Za toa odlucuvaat glasachite,a tie vo najgolem broj se za ovaa vlast i protiv opozicijata.Ti so ovaa kolumna samo im dade iluzija na nekoi kako onoj meksikanec.Ete toj so negoviot komentar pocna da pravi smetka bez krcmar.Ni so Goshev koj e politicki dinosaurus,ni so Pendarovski,i so bilo koj,SDS ke dozivee nov poraz,a i na narednite parlamentarni SDS ke izgubi.Ednostavno,vremeto go pregazi SDS zaradi katastrofalnite greski koga beshe na vlast.Ednostavno ne se zaboravaat tie negovi grevovi.Pred sekoi minati izbori,novinari,analiticari,komentatori mu davaa shansi na SDS,no potoa gubeshe izbori.Isto ke bide taka i posle novite izbori.A Ahmeti i pretsedatelot (vo fantaziite)od SDS,ne bi mozele da go smenat imeto,bez soglasnost od narodot.A takva soglasnost ke nema.Nema menuvanje na imeto.Toj den nema da dojde ZEMJATA. |
| David, 18.08.2013 07:17:50 | Ako е за фигура, зошто друг, го имаме и овој. За новиот ќе требаат секако и дополнителни финансиски трошоци, зашто постојниот мебел во резиденцијата на водно нема да биде по вкусот на новата домаќинка. А политичките ефекти, барем од оние што ги спом��увате како кандидати, не треба да се очекува дека ќе донесат некои попрепознатливи промени. Улогата на статисти, ја видовме со покојниот Трајковски, како и со сегашниот. Арно ама, народот е виновен. Го водат со оглавче, место со идеи и резултати. Од Трајковски, кој 2001 година покажа дека е тотално анемична фигура, без чувство за национална гордост, судено според потезите за време на конфликтот, партиската пропагандна машинерија направи фигура со фараонски димензии. Недостасува уште мавзолеј или пирамида да му подигнат. |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 27°C
Ведро
|
Понеделник
Ведро
Макс: 34°C, Мин: 17°C
|
Вторник
Ведро
Макс: 36°C, Мин: 18°C
|
Среда
Ведро
Макс: 34°C, Мин: 17°C
|
Четврток
Сончево
Макс: 33°C, Мин: 17°C
|
Петок
Делумно облачно
Макс: 32°C, Мин: 17°C
|
|
|
|
|
Фељтон - Илина Арсова. Како го освоив Монт Еверест |
|