Опозицијата прашува каде се владините мерки во буџетот
Според Владата, сетот мерки за кризата нема да имаат импликации врз расходната буџетска страна
Александрија Стевковска
Владата, поточно министерот за финансии, Трајко Славески, цврсто застана во одбрана на Предлог-буџетот за 2009 година на вчерашната собраниска комисија, нагласувајќи дека сетот предложени мерки за ублажување на кризата нема да имаат импликации врз расходната буџетска страна. Владата се' уште стои на ставот дека планираниот раст идната година ќе биде 5,5 отсто, расходите ќе бидат „тешки“ 2,7 милијарди евра, а буџетскиот дефицит 2,8 отсто до БДП. Сепак, првиот финансиер во државава не ја заобиколи можноста за ребаланс на буџетот кон средината на идната година. „Можните фискални импликации на дел од мерките за спас од кризата може да се избалансираат со евентуален ребаланс, што секако нема да се направи во првата половина на идната година“, изјави Славески.
Тој уште еднаш ги претстави најважните ставки од буџетот за идната година, нагласувајќи дека Владата планира масовно инвестирање во инфраструктурата, а дека зголемувањата на ставките за плати од 9 отсто и за мебел и услуги од 5 отсто не се значајни и дека тие, всушност, значат дека државата штеди. „Расходите за купување мебел и опрема се сведени на минимум. Се користат наследени возила и мебел, а ќе се купува само за нови објекти. Зголемувањето на платите веќе беше проектирано и предвидено“, објасни Славески.
Најголемиот дел од пратеничките прашања на Комисијата за финансирање и буџет до министерот за финансии беа упатени од пратениците од опозицијата, кои побараа повлекување на Предлог-буџетот за 2009 година. „Вака исконструиран буџет треба да се повлече, бидејќи не соодветствува на реалната ситуација, па на недонесен буџет се зборува за негов ребаланс. Предлог-буџетот за 2009 година нема развојна компонента и предвидува многу нови пари за стари проекти. Плус тоа, кога беше изготвен буџетот, немаше изготвени мерки против кризата, па неговиот текст не ги содржи глобалните проблеми. Буџетот за идната година не е реален и е во функција на изборите во март“, истакна Јани Макрадули од СДСМ. Според него, предвидениот раст од 5,5 отсто нема да се оствари од проста причина што веќе имаме пад на индустриското производство од 10 отсто, поради што Владата мора да излезе со конкретни мерки и помош за индустријата. „Намалувањето на индустриското производство резултира со нови отпуштања, што ќе влијае врз раст на невработеноста“, смета Макрадули.
За опозицискиот СДСМ, буџетот за 2009 е далеку од економската логика и потребите на државата и многу пари од него ќе се одлеат за плати на администрацијата, стоките и услугите од кои треба да се рекламира Владата. „Идната година се предвидува 6 отсто зголемување на даночните приходи од стопанството, ќе се соберат повеќе пари од бруто-платите, а од ставката за услуги, над четири милијарди денари ќе се потрошат за саморекламирање на Владата. Зошто тие пари од рекламите не им се дадат на луѓето кои ќе останат на улица?“, праша Макрадули. Министерот за финансии вешто успеа повторно да го заобиколи одговорот на прашањето колку пари троши Владата на реклами.
„Оваа Влада ќе падне на инвестициите. На пример, посетата на Владата на САД донесе нула долари инвестиции, а тука ни беше пласирана приказна за успешна посета. Таму нашиот тим се сретнал со портирот на ’Интел‘, бидејќи и на Интернет може да се види дека прв човек на „Интел“, под име какво што беше тука кажано, не постои“, смета Макрадули.
За СДСМ, незамисливо е како во буџетот се предвидени нови пари за спортски сали за кои досега се веќе дадени пари и зошто државата да интервенира во јавните претпријатија, плаќајќи ја со пари на народот неспособноста на менаџерите на МЕПСО и на ЕЛЕМ.
Миле Андов од СДСМ смета дека Владата избрзала со „пакувањето“ на идниот буџет, не водејќи сметка за реалниот економски раст, кој нема да биде 5,5, туку 4,5 отсто, поточно разлика од еден процентен поен, кој ќе го зголеми буџетскиот дефицит од 2,8 на 3,8 отсто од БДП. „Во поголемите економии во вакви ситуации се оди на капитални инвестиции, а кај нас само 18 отсто од буџетот ќе бидат употребени за тоа, што е премалку“, смета Андов.
Според Марјанчо Николов, Владата нема проекција што ќе се случува идната година со ударот што се очекува од светската криза. „Владата излезе со мерки против кризата, но не кажа какви фискални импликации тие ќе имаат. Значи, пари ќе се одлеваат, а ќе се намали приливот, поради пониската цена на нафтата и паднатата инфлација“, смета Николов, кој побара Владата да го намали проектираниот буџетски дефицит.
За министерот за финансии, единствено нешто од мерките за ублажување на кризата може да биде 100 милиони денари за придонеси за неколку претпријатија. Другите мерки, според него, се пребивања или одлагање на плаќање на старите долгови на фирмите.
Комисиската расправа за буџетот продолжува со амандманска расправа, која треба да заврши до понеделник, за потоа тој текст да се испрати до Влада, каде што ќе се пречисти, дополни и препрати во Собрание. |