Број 2850  сабота, 29 ноември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Уметникот е опсерватор на непредвидливото

Жанета Вангели во Њујорк со дела фокусирани на страстите и фиксациите на македонската политичка определба

Катерина Богоева

До 14 декември во Експериментал арт фондацијата во Аделаид, Јужна Австралија, ќе биде отворена самостојната изложба на македонската ликовна уметница Жанета Вангели, под наслов „Архив 1“, поддржана од македонски и австралиски државни институции, но и од неколку фондации. Изложбата претставува акумулација на дигитално обработени фотографии и избор на неколку видео - арт продукции, создавани во последните неколку години. „Иако се работи за самостојна изложба, не беше можно да го претставам целокупниот „дигитален архив“. Затоа направив избор на постари и сосема нови дела, кои сочинуваат конзистентна целина и ја репрезентираат мојата фасцинација од фотографијата, видеото и мас-медиумите, кои во огромна мера се инспирација за мојата работа. Имено, еден дел од фотографиите се снимени од ТВ-монитор, еден дел се инсценирани мотиви, еден дел се директно превземени од видео снимки во форма на фрејмови, и можам пост фестум да констатирам, дека монтажата на видеото, на која што работев во последните неколку години, реверзибилно имаше огромно влијание врз сликите, кои сакам да ги правам и да ги видам во еден сосема нов контекст, облик и медиум. Многу често работам во серии, така што ги избрав сериите на дела „Интегрализам“, „Пејзажи“, „Пролетни пејзажи“ и диптихот „Фам фатал”. Се работи за хронолошки линеарно поставени дела, кои на некој начин имаат наративна функција и ја рефлектираат мојата перцепција на внатрешните личности и надворешните општествени процеси од последната декада“, вели Вангели.

Вангели во Австралија се претставува по прв пат и е една од ретките македонски уметници што изложувале на континентот. Спецификата на изложбата ја гледа во презентирањето на дигиталните претстави, а учествува по покана од директорот на Експериментал арт фондацијата (ЕАФ), Мелентије Пандиловски, чија покажана професионалност ја истакнува. Напоменува дека Сузана Милевска е автор на текстот во објавениот каталог.

Во текот на ноември таа се претстави и во Њујорк, на групната изложба „Современи македонски умет��ици“ во рамките на веќе завршените Денови на македонската култура во САД, со делата „Екс-ФИРОМ - изам, или „Непрестајната желба по вечноста“ и „Интегрализам 2 и 3“, 3 диптиха, каде добила можност и за лична сугестија при претставувањето.

Потенцира дека тоа се дела што се директно инспирирани од употребата и злоупотребата на моќта воопшто, дека ја проблематизираат комлексната употреба на поимите Исток и Запад и се фокусираат на колективните страсти и фиксации во однос на македонската политичка определба Ги избрала бидејќи никогаш не биле изложени во САД, а како што вели, во голема мера се резултат токму на источно - западната поларизација и на американскиот културен инженеринг.

Делото „Екс-ФИРОМ - изам“ летово беше изложено и во Љубљана како дел од проектот „Машина за преименување“. Интересот за негово презентирање во светот трае една деценија, но не е и единственото што континуирано го привлекува и вниманието на кураторите и публиката. „Од оваа дистанца навистина ме зачудува „биографијата“ на „Екс-ФИРОМ-изам...“, кое беше селектирано на бројни европски изложби од 1998 наваму и покрај продукцијата на многу други слики. Направено е најбезгрижно во 1998 година, воопшто не предвидувајќи ја улогата што ќе ја добие НАТО во 1999 и 2001 година во овој регион. Северно-атланската алијанса до ден денес претставува главна координата на македонскиот интегрирачки курс. Оваа слика денес на било која изложба добива сосема поинаков контекст од оној во кој е направена, а ригидните милитарни акции несакајќи и' додадоа сосема поинаква аура. Друга слика, која имаше сличен третман е триптихот „Омаж на Андреј Рубљов“ (акрил/сито-печат/дрво), кој сега се наоѓа во Националната галерија на Македонија... Зошто едни слики или објекти добиваат поголемо внимание од други, навистина не знам. Тоа не лежи во моќта на оние што ги создаваат. Во овој случај уметникот е опсерватор на нешто што воопшто не може да се предвиди, или контролира“, истакнува Вангели.

Запрашана како автор на дела присутни на референтни изложби во светот, што мора да поседува творецот денес, за да може да изгради одредена дистанца од секојдневието и минатото, за да им даде вечна димензија, Жанета Вангели, одговори: „Навистина не би можела да кажам... теоретски, би можела сега да го рационализирам процесот на работа, да го евоцирам чувството што го имам пред да почнам да работам, но како да се опише правењето уметност, или она што се нарекува уметност? Единствено што со сигурност можам да кажам е дека најважно е уметникот, т.е. секоја креативна личност, а секоја личност е креативна, да се доведе во одредена состојба на мирување кога станува отворена за светот на идејното... потоа следи материјализацијата на дел од неминовните претстави... на некој начин е сосема едноставно. Секој оној, кој наоѓа поголемо блаженство во внатрешниот, отколку во надворешниот свет, доаѓа до многу интересни слики и сознанија“.

Годинава таа почна да предава сликарство, да им пренесува дел од својот светоглед на студентите на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од позиција на доскорашен, слободен уметник, работата со младите уметници ја гледа како голем предизвик. „Секој слободен уметник несомнено има поголема или помала фобија од било какво вработување, меѓутоа во овој случај се работи за една многу креативна размена на енергии и динамична комуникација, која самата по себе може да стане уметнички акт. Никој од нас не може да се дистанцира од својот светоглед, но јас сепак се трудам колку е можно повеќе, на студентите да не им ја наметнувам својата естетика. Напротив, најмногу од се ме интересира нивната ендогена, индивидуална и единствена естетика, која се уште не се манифестирала во целата своја полнота поради природата на студиите во првите две години. Мојата крајна цел е тие на крајот од студиите потполно да се еманципираат и да станат независни од било чиј светоглед и да изградат сопствен вредносен систем, воедно принципиелен и автархичен. Интересот на студентите за актуелните случувања во уметноста е огромен, се разбира интензитетот на ентузијазмот секогаш соодветствува со дарот на секој студент индивидуално и со неговата посветеност кон уметноста.

Сите оние кои студираат слободна уметност, се неверојатно привилегирани и можеби не се потполно свесни за тоа, но допрва ќе ги почувствуваат благодетите од оваа духовна дисциплина“, вели Вангели.


Статијата е прочитана 275 пати.

Испрати коментар

Од: i
Датум: 29.11.2008 14:29:17
bravo za zaneta vangeli!im trebase na studentine na fllu mlada energija,duh,tvorenje..od sekogas znam za zaneta vangeli,od dete..bravo za zane!dosta e od metuzalemi na rabotni mesta!sekoja cest!samo napred!!!!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Ќе биде ли „трета среќа“ за тендерот за нобеловците
Соопштени добитниците на „Св. Климент Охридски“
Филмски портрет на Ацо Алексов