Светот во паника, ние мирно ја следиме драмата
Домашната економија е погодена, паѓаат цените на металите, се топат девизните дознаки, а инвестициите се се' понеизвесни
Нина Нинеска-Фиданоска
Додека светските лидери вчера не се симнуваа од конференциски врски во обид да му излезат во пресрет на хаосот што веќе го носат со намалувањето на кредитниот рејтинг на САД и на новите жаришта во Италија и во Шпанија, а брокерите и инвеститорите се препотуваа и ја употребуваа сета своја креативност како најпаметно да „изиграат“ во вакви драматични потреси на пазарите на капитал, во Македонија, пак, некои тврдат: „Нас нема да не' погодат светските економски случувања!“
Но, дали е навистина така и дали властите во земјава, па и сите други економски фактори, можат мирно да ја набљудуваат паниката што владее во светот, откако опасноста од нова светска финансиска криза станува и повеќе од извесна?
Експертите со кои контактираше „Утрински весник“ не се согласуваат дека во овој момент е дозволена толкава комоција. Напротив, дел од нив сметаат оти Македонија сигурно ќе биде погодена и тоа преку неколку канали. Едниот, секако, е фактот дека цените на металите и на нафтата паѓаат на светските берзи. Познато е колку извозот на металите е битен за македонската економија. И најголемиот дел од индустрискиот раст, во изминативе месеци, практично се темелеше токму на таа гранка. Затоа, сегашното ценовно намалување може сериозно да го разниша сонот за солидни економски резултати на какви што се надеваа македонските власти. Она што многу загрижува и тоа уште од почетокот на годинава, а сега многу повеќе, се значајно секнатите дознаки од нашите иселеници во странство, кои соочени со кризите во земјите каде што работат, испраќаат се' помалку пари во Македонија. Новите странски инвестиции, пак, во вакви светски економски услови, се крајно неизвесни.
Во светот вчера се случуваше она од што сите стравуваа уште од петокот кога „Стандард и Пурс“ објавија дека го намалуваат американскиот кредитен рејтинг, за прв пат во историјата. Тоа го најавија и арапските берзи уште во неделата, кои работат на тој ден и кои завршија во минус на своите тргувања. Вчера во негатива први отидоа азиските берзи. Индексите во Јапонија, Кина и во Австралија завршија со минуси и тоа Берзата во Токио имаше пад од 2,2 отсто, индексот во Хонг Конг загуби 4 проценти, а во Јужна Кореја минусот беше 3,8 отсто. Во Австралија, пак, индексите се намалија за 2,7 проценти. И европските берзи „книжеа“ негативни зони. Лондонскиот индекс регистрираше пад за 1,93 проценти, францускиот имаше минус од 1,8 отсто, а германскиот за 2,45 проценти. Уште поголеми негативни зони забележаа берзите од нашето соседство. На пример, на средината на работниот ден берзата во Белград бележеше пад од 6 отсто, во Словенија 3,6 проценти, а и во Хрватска минусот беше повисок од 4 отсто.
Некои медиуми ја оценија состојбата со квалификацијата дека „не е крај на светот, ама, дефинитивно, така изгледа“. Овие падови се случија и покрај тоа што Европската централна банка најави дека би можела да започне со купување италијански и шпански обврзници, земји што се во длабока должничка криза, а министрите за финансии и гувернерите на земјите од Г-7, пак, уште пред отворањето на берзите се обврзаа дека „силно ќе бидат посветени да ги преземат сите неопходни мерки за да ги поддржат финансиската стабилност, ликвидноста и растот, и тоа во духот на поблиска меѓусебна соработка и доверба“. Но, аналитичарите, сепак, предупредуваат на нова глобална финансиска криза, полоша од онаа пред две години.
Ситуацијата во светот вчера се преслика и на Македонска берза. Иако на отворањето на првиот ден од оваа работна недела минусот беше малку „поскромен“, на крај затвори со значајна негатива од 2,81 отсто, сведувајќи се на нешто помалку од 2.384 индексни поени. Нашите брокери велат дека на Берзата вчера немало паника, но имало поголем притисок на продажната страна, односно повеќе од инвеститорите сакале да ги продадат своите акции. Се истргува промет од 17 милиони денари, помалку од оној во петокот.
Како на најновите светски ризици гледаат македонските познавачи? „Корените на ова што сега се случува, всушност, се кријат уште во кризата од 2008 година. Тогаш банките беа притиснати од долгови, но сега тие се префрлија кај државите, па сега државите мора да ги санираат долговите. Како и да е, оваа година воопшто нема да биде сјајна на економски план во светот“, објаснува Ден Дончев, економски аналитичар. Дончев вели дека се илузија шансите Македонија да има економски раст од 3,5 отсто. Растот, според него, ќе биде најмногу два отсто.
„Но, нашите власти веќе неколку години наназад ги промашуваат прогнозите, така што тоа и не е некоја новина. Позначаен проблем е намалувањето на девизните дознаки од странство, што во првиот квартал беше навистина значајно. Ако тој тренд продолжи и во текот на цела година, ние веќе ќе имаме сериозни девизни проблеми. И, конечно, оваа и следната година сигурно ќе немаме странски инвестиции“, смета Дончев.
Коста Костадиновски, извршен директор во инвестицискиот фонд „Илирика“, објаснува дека како што во светот ќе се одвиваат работите, така ќе биде и кај нас. „Станува збор за акумулирани долгов�� кај државите, кои не се решаваат преку ноќ. Тие веќе стануваат буџетски проблеми, а потоа и социјални проблеми, конечно, и политички. Имено, кога некоја држава треба да и' помага на друга, тоа е веќе прашање на политика“, вели Костадиновски.
Според него, добро е што Македонија во моментов нема ургентна потреба за задолжување, пред се', што не е принудена да влегува во нови долгови за да враќа стари. Но, доколку има потреба да се задолжи за да финансира некакви проекти за раст и инвестиции, тоа нема да може да го направи или ќе ја чини многу скапо.
Костадиновски е оптимист за македонската економија. Но, сепак, има и големи резерви. „Цените на металите и на нафтата, кои најмногу учествуваат во македонскиот извоз, сега паѓаат и тоа сигурно ќе влијае на домашната економија“, коментира овој познавач на состојбите. |