Контрапункт
Патеките на славата
Никола Гелевски
Стабилната демократија е несигурна на овие простори зашто сите држави нагласено и страсно ги негуваат и ги обновуваат своите „основачки митови“
Виктор Иванчиќ, според мене најдобриот новинар и колумнист на бившите југословенски простори (основач и уредник на култниот и згаснат „Ферал трибјун“), неодамна пишуваше за перверзијата на српско-хрватските односи: „Хрватската и српската политика во мирнодопските периоди, колку и да се привидно нијансирани во однос на европските цивилизациски придобивки, во завршницата главно се сведуваат на допишување на една иста национална трагедија, на континуирано вовлекување на преживеаните во светот на мртвите. Труповите се непресушен материјал за експлоатација, а на овие простори, фала богу, наидуваме на плодна почва и богати наоѓалишта. Секоја жртва има конкретна употребна вредност. На жртвите тука им е осигуран онаков тип почитување какво што им се искажува на боевите глави и барутните полнења. И, впрочем, секој обид човечки да се разговара за жртвите, со националистите е сосема бесмислен, бидејќи национализмот се храни со глорификација на страдалништвото. Единственото што националистот навистина го интересира е дали жртвите се ’наши‘ или ’нивни‘, за да може ’нашите‘ да ги зголеми, а ’нивните‘ да ги намали“.
Иванчиќ користи еден згоден израз: прирачна војна. Војна која стои на ѕидот како лопата за чистење снег (или како реквизит на ѕидот од стиропор во претстава на - Чехов, се разбира). Војна која ја вадиш од закачалката секогаш кога поданиците ќе ти се заинатат, од глад, студ, страв или бес. Војна како универзална електростатична крпа за чистење. А најзгодното во таа прирачна војна слична на драмска пушка е што мошне е корисна и за двете вклучени страни, и од аспект на „приходите“ и од аспект на „расходите“.
Иванчиќ зборува за начинот на којшто функционираат владите на Србија и на Хрватска, но мислам дека согледувањето прилично се однесува и на Грција и на Македонија; сите тие влади се организирани како парацивилни формации: тела кои ја извршуваат цивилната власт со постојано поттикнување и користење емоции кои се типични за воена состојба. Штом претставниците на тие влади ќе ги навлечат граѓанските облеки, веднаш ги проникнува занесот на лошо кастрирани војсководци. Тие прирачната војна ја носат во актовките и ја вадат секогаш кога ќе се соочат со проблеми од мирнодопска природа.
Зошто подолгорочно стабилната демократија е несигурна на овие простори? Еден од одговорите може да биде и овој: зашто сите тие држави нагласено и страсно ги негуваат и ги обновуваат своите „основачки митови“. Можеби тоа го прават зашто се несигурни во сопствените хомогенизирачки потенцијали, а можеби за полесно да владеат со поданиците кои постојано се изложени на силни порции идентитетски страсти. Во Хрватска, на пример, обновениот основачки мит е оној на „Татковинската војна - илјадагодишниот сон“. Косово, пак, е вечното срце на Србија, чудно изместено од матичниот организам, како оние механички срца што ги носат во торба најтешко заболените пациенти од срце. Грците себеси се гледаат како единствени и неприкосновени наследници на целото огромно античко наследство од пред неколку илјади години. Нивните повеќеилјадагодишни први соседи, Македонците, во поново време го преземаат истиот механизам: најстар народ на планетата, вистински древни Ариевци во однос на кои околните словенски народи се коњушари кои со цевчиња под вода патувале од зад Карпатите наваму. Бугарите не се само основачи на словенската култура и писменост, туку се и „над-Македонци“, ултраобединувачка балканска раса (нешто што беа Германците). Албанците си го тераат сонот од 19 век за територијално проширување и обединување... Начинот, значи, на којшто овие балкански држави и етнички заедници се доживуваат себеси е сосема неевропски, барем според новите европски агенди. На Балканот политичкото разбирање на заедницата се' уште е архаично и нарцисоидно загледано само во себе.
А сите ние кои се обидуваме да се „вкорениме“ во некаков граѓански отпор спрема таквата држава и таквото разбирање на заедништвото многу често се судираме со неумоливиот факт: држава овде одвај да постои! А потоа следува уште поголемиот шок: во таа полустварна држава речиси не постојат граѓани! Речиси не постои цивилна свест! Власта го скршила секој отпор оти граѓанското чистење на просториве се случувало пред или паралелно со етничкото чистење. За сосема да се разбашкари во комотноста на владеењето, власта патем ја подуништила и државата, да не пречи и да не стрчи. Така единственото што го имаме на (с)цена е моќта на власта, која и да е.
Но, ни тоа не треба да обесхрабрува! Основниот темел на граѓанската свест треба да биде критичкиот однос спрема себеси и сопственото опкружување! Дури и кога е многу лошо, сепак, не е сеедно дали ќе тргнеме од нула или од апсолутна нула, т.е. од минус 273 степени.
Раниот филм на Кјубрик, „Патеки на славата“ (1956) завршува со една незаборавна сцена: откако од страна на одвратно кариеристичките француски генерали ќе бидат погубени како жртвени јарци тројца војници неправедно обвинети за кукавичлак, остатокот од полкот се пијани во една војничка кантина привремено претворена во некакво кабаре. На сцената извлекуваат една исплашена девојка, заробена Германка, сурово и' се потсмеваат („не го ни знаеш јазикот на цивилизацијата!“) и ја тераат да пее. Но, кога младата Германка почнува да пее, толпата војници занемува и доживува своевидна катарза во која се стопува се': и глупоста и алчноста на нивните водачи и апсурдноста на војната и бесмисленоста на демонизацијата на Другиот... Се разбира, таа катарза е проклето привремена; веќе утре рововите ќе бидат наполнети до врв со нови свежи трупови. Но, ете, имаше барем еден момент на просветление...
(Авторот е издавач)
|