Лилјана Петровиќ ќе плати 5,5 илјади евра за клевета на Андријана Будимир
Повисокиот суд ја отфрли жалбата на менаџерката на Тоше Проески и таа ќе треба да ја плати казната
Љубиша Станковиќ
Менаџерката на Тоше Проески, Лилјана Петровиќ, виновна е за клевета на поранешната ракометарка Андријана Будимир, за што ќе треба да плати парична казна од 5,5 илјади евра. Апелациониот суд ја отфрли жалбата што ја поднесе Лилјана Петровиќ по изрекувањето на првостепената пресуда на скопскиот Кривичен суд кон крајот на март годинава. Одлуката на повисокиот суд значи дека се неточни тврдењата на Лилјана Петровиќ изнесени во хрватскиот портал „24сата.хр“ дека Тоше Проески не и' праќал пораки на Будимир вечерта пред да се случи кобната несреќа и дека поранешната ракометарка била наклеветена.
„Точно е дека судот донесе одлука со која се потврди она што го тврдевме од самиот почеток дека Лилјана Петровиќ ја наклеветила мојата клиентка. Знам дека јавноста сега ќе се интересира за висината на надоместокот, но и пред изрекувањето на првостепената пресуда реков дека му го оставам тоа на судот. Верувајте, во овој момент висината на казната е небитна, бидејќи за нас е многу поважно тоа што судот не ја прифати жалбата на тужената и се потврди пресудата“, ни изјави застапникот на тужителката Андријана Будимир, адвокатот Ненад Јаниќевиќ.
Со пресудата што ја изрече скопска „единица“ на 24 март оваа година, Лилјана Петровиќ беше осудена на парична казна од 25 дневни глоби од по 20 евра, односно на казна од 30.000 денари, а за нематеријална штета беше одреден надомест од 300.000 денари или пет илјади евра.
Андријана Будимир за повреда на честа и угледот бараше од менаџерката на Тоше да и' се платат 6.150.000 денари, или 100.000 евра. Побараниот износ, како што тогаш објасни адвокатот Јаниќевиќ, бил ставен произволно и тој побара висината на нематеријалната штета да ја определи судот.
На изрекувањето на пресудата му претходеа две одржани судски рочишта. Целата приказна што се однесува на приватниот живот на Проески и Будимир се пресели од медиумите во судот, бидејќи тужителката сакаше да докаже дека била наклеветена од Петровиќ.
Во тужбата против Лилјана Петровиќ беше наведено дека таа имала намера, само еден ден пред годишнината од загинувањето на Тоше Проески, да ја наклевети Будимир со изнесување невистини на хрватскиот Интернет-портал. Изјавите дадени за порталот предизвикале тешки последици за Андријана Будимир.
Петровиќ рекла дека побарала листа од телефонските разговори на Тоше Проески. Листата се однесува на последните 16 дена од октомври 2007 година, а Петровиќ појаснила дека го сторила тоа заради семејството на Тоше Проески и заради себеси. Клеветата, всушност, се состои во тоа што Петровиќ рекла дека од мобилниот телефон на Тоше немало повици и СМС-пораки кон Будимир. Петровиќ за порталот изјавила дека „навистина не знае зошто таа го прави тоа“ и дека „на таа девојка не и' посакува ништо лошо, нека е жива и здрава, нека си го живее својот живот“.
Андријана Будимир со тужбата тврдеше дека поради сето она што било изнесено таа трпела навреди и на улица, а тоа се рефлектирало и врз работата на нејзиното козметичко студио.
Лилјана Петровиќ на главниот претрес отфрлаше каков и да е обид за клеветење. Адвокатот Данчо Николовски побара скопскиот Кривичен суд самиот да се огласи за ненадлежен, бидејќи и тужителката и тужената се српски државјанки, а изнесеното било објавено во хрватски медиум. |