Тетово да функционира како Скопје
Со три општини и со заедничка градска управа ќе се разбие обемноста на територијата
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Сегашните граници на Тетово каде што живеат стотина илјади жители да се организираат поинаку и да се конституираат три општини со заедничка градска управа. Со ваква територијална организација ќе се постигнат три важни работи. Прво, ќе се разбие обемноста на општината, второ, ќе се издвојат селските од градските средини, а ќе се обезбеди поголемо учество на граѓаните во донесувањето на одлуките од локално значење. Иницијаторот на предлогот за нова општинска поставеност, Општинската организација на ВМРО-НП од Тетово, смета дека на овој начин етничките заедници подобро ќе функционираат. Освен тоа, градската општина би добила Македонец за градоначалник, но и локална самоуправа со доминантно учество на Македонците.
„Во сегашниот случај Македонците се маргинализирани. Нема ниту збор од Бадинтеровиот принцип. Од седум сектори во општината, ниту еден Македонец нема на раководно место. Исто е и во 20 одделенија на локалната самоуправа. Сметаме дека со прифаќање на нашиот предлог, ќе се постигне етничка застапеност во раководните структури“, објаснува Драган Давидовски, претседател на ОК ВМРО-НП Тетово и член на општинскиот Совет.
Според него, примерот со организирањето на Скопје може да се примени и за Тетово, а општините би функционирале уште подобро отколку сега. „Албанците се најдоа себеси во Скопје. Таму никому не му пречи основањето на Општина Чаир, која доаѓа до центарот на градот, а е под доминантна застапеност на Албанците. Зарем Ромите ќе имаа своја општина ако не се конституираше Шуто Оризари. Овие примери се вистински терк и за нашата територија“, предочува Давидовски.
Предлогот за измени на Законот за територијалната организација за подрачјето на Тетово содржи конституирање на три општини и градска управа. Во општината Центар би биле централното подрачје на Тетово со селата Фалише и Сараќино. Во составот на општината Теќе би функционирале населбите Теќе, Блок 82 и Пржова Бавча од Тетово со селата Бозовце, Бродец, Вешала, Гајре, Лисец, Шипковица, Мала Речица и Голема Речица. Додека во општината Џепчиште би биле селата Лавце, Селце, Вејце, Ѓермо, Једоарце, Отуле, Сетоле, Порој и градската населба Дреновец. Заедничките интереси на трите општини би се утврдувале на ниво на градска управа. „Нема ништо необично во овој предлог. Напротив, на ваков начин се обезбедува развој на руралниот дел исто како и градскиот. Од друга страна, би се вратило постоењето на две општини, кои беа укинати со законот од 2004 година. Тоа се општините Шипковица и Џепчиште, на кои сега би им се додале и други населби. Предлогот го отворивме и пред европратеникот Ерван Фуере не само заради запознавање, туку и за негово вклучување во процесите на територијалното преструктуирање. Очекуваме поголема поддршка и од сите релевантни општински фактори, бидејќи се доближуваме до европските вредности и стандарди. Натаму, ова ќе обезбеди и вистински соживот меѓу националните заедници, поголем меѓусебен компромис и побрз севкупен развој на целото подрачје“, нагласува Драган Давидовски.
Тетовскиот крај има огромен економски потенцијал и човечки ресурси што би биле основа за ангажирање на идните општински раководства. Со поинаква организација на територијата македонското население би се пронашло и во политичкиот живот, но и во националната, културната, образовната и друга надградба, нагласуваат од ВМРО-Народна партија. Мошне важна е нивната процена дека би се сопрел мошне интензивниот процес на иселување на Македонците, присутен повеќе години, но и би се надраснале сегашните состојби во практичната примена на обврските од Охридскиот договор, особено околу правичната застапеност.
Инаку, ВМРО-НП веќе иницираше измени во сегашната територијална поставеност на општините. Се предлага општини да се конституираат во Блатец, Велешта, Вруток, Делогожди, Извор, Лабуништа, Луково, Маврово, Мариово, Оризари, Чешиново и Драчево. Предлогот е доставен до претседателот на Собранието. Се очекува отворање на собраниска процедура во која партијата на Марјан Додовски смета на поддршка од парламентарните политички партии. |