Случајот на Ален Зекиров заглавен на вештачење
Обвинителството и судот демантираат дека намерно се одолжува предметот за телохранителот на Сашо Мијалков
Љубиша Станковиќ
Една година од загинувањето на 73-годишниот Симо Серафимовски, кој беше прегазен на пешачки премин, се' уште е заглавена постапката што се води против Ален Зекиров, вработен како телохранител во Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР. Предметот се' уште се наоѓа во Бирото за судски вештачења и една година по трагичниот настан, истрагата се' уште не е завршена.
Во јавноста се' погласни се шпекулациите дека решавањето на овој случај намерно се одолжува, наводно, бидејќи станува збор за телохранителот на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.
Скопскиот јавен обвинител, Марко Зврлески, ги отфрла ваквите шпекулации како произволни и паушални, додавајќи дека наскоро се очекува завршување на истрагата за овој случај.
„Не е точно дека Обвинителството не постапува во конкретниот случај. Обвинителството веднаш го процесуира случајот и поднесе барање до истражниот судија за поведување истрага. Колку што можам да се сетам, тоа се случи пред половина година. Сега очекуваме завршување на истрагата и враќање на предметот“, вели скопскиот јавен обвинител, Марко Зврлески.
Дека предметот е во рацете на скопскиот Кривичен суд, потврдува и портпаролот на скопска „единица“, судијата Владимир Туфегџиќ.
„Точно е дека за споменатата личност се води кривичен предмет, но во овој момент можам само да потврдам дека тој е во Бирото за судски вештачења. Кога предметот ќе биде извештачен, ќе му биде вратен на колегатата што постапува по него, а кога истрагата ќе заврши, ќе му го вратиме на Обвинителството“, ни изјави судијата Туфегџиќ.
Името на Ален Зекиров и' стана познато на јавноста по инцидентот што се случи кон средината на јуни минатата година. Зекиров на булеварот „Партизански одреди“, кај ТЦ „Буњаковец“, управувајќи со мотоцикл „агуста“ го прегази Симо Серафимовски, кој тогаш со велосипед минувал на пешачки премин. Сведоците на трагичниот настан тогаш тврдеа дека мотоциклистот се движел со голема брзина и дека од ударот велосипедистот бил отфрлен десетина метри. Во несреќата и самиот Зекиров доживеа повреди, но неговите колеги од МВР за него поднесоа кривична пријава за тешки дела против безбедноста во сообраќајот. |