11.07.2012, 17:46 Евтините кредити ќе се потрошат за два месеца
Од Коморите велат дека интересот на компаниите за овие кредити е огромен и дека тие веќе имаат подготвени проекти
Соња Маџовска
Ќе се спасат ли фирмите од неликвидноста во која се заглавени со 100-те милиони евра од Европската инвестициска банка или овие пари ќе бидат малку?
Од Коморите велат дека интересот на компаниите за овие кредити е огромен и дека веќе имаат подготвени проекти со кои ќе аплицираат кај комерцијалните банки. Бизнисмените сметаат дека брзо ќе се искористат овие 100 милиони евра, односно дека за два месеца ќе се ефектуираат, бидејќи недостигот од финансиски средства премногу се чувствува.
„Кредитната линија од ЕИБ од 100 милиони евра е добредојдена и навремена, како што беше најавено. Овие средства во голема мера ќе придонесат за намалување на неликвидноста посебно кај малите и средните претпријатија. Но, исто така, и за почнување на одредени инвестициски и развојни проекти, кои биле планирани, меѓутоа не можеле да се остварат поради недостиг од финансиски средства. ССК смета дека условите се поволни, интересот од компаниите е голем, подготвени се бизнис-планови кои ќе ги достават до банките. Очекуваме овие средства брзо да се искористат. Во наредните два месеца ќе има апликации за потполно искористување“, вели Митко Алексов од Сојузот на стопански комори.
И банкарите сметаат дека интересот за оваа кредитна линија е огромен, проекти има, а очекуваат првите средства фирмите да ги добијат во август или септември.
Од банките велат дека веќе имаат искуство со одобрувањето на овие кредити, бидејќи станува збор за трета фаза од кредитната линија на ЕИБ, а првите две беа успешно реализирани. Според банкарите, кредитните услови се навистина поволни - најниски на пазарот, па затоа е очекуван голем интерес од претпријатијата.
„��нтересот е голем и има навистина издржани инвестициски проекти. Веќе има заинтересирани претпријатија за кои банката ќе испрати барање до Македонската банка за поддршка на развојот, и за кои се надеваме дека ќе им се одобрат средства. Очекуваме првата транша да биде исплатена веќе во периодот од август до септември. До сега барањата најмногу се за фиксни средства“, велат од Прокредит банка.
Во оваа банка веруваат дека ваквите повластени услови се значајна поддршка за развојниот пат на претпријатијата и играат клучна улога во инвестициската активност. „Токму затоа како банка покрај нашите кредитни услуги наменети за претпријатијата, на малите и средни бизниси им посредуваме во пристап до средствата понудени преку оваа кредитна линија“, додаваат од Прокредит банка.
И експертите сметаат дека 100 милиони евра од ЕИБ добро ќе им дојдат на фирмите во овој кризен период, и ќе значат заштита на ликвидноста на фирмите, но и раздвижување на економијата. Професорот Томе Неновски смета дека сега компаниите се на потег. „Парите не се ставени на тезга каде што секој може да ги земе кога ќе посака, туку сега фирмите треба да дојдат до израз со презентирање, или пак, со брзо подготвување квалитетни проекти врз основа на кои ќе можат да повлечат соодветен дел или, пак, целата кредитна линија и на тој начин да се изврши освежување на економијата“, вели Неновски.
Тој сепак не очекува дека овие пари ќе поттикнат инвестициски бум или силен развој на економијата, меѓутоа ќе можат да го спречат негативното влијание на светската економска криза.
Средствата од кредитната линија од ЕИБ се со субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс-период од две години. Се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите поднесуваат барање кај девет деловни банки. |